Италија сериозно пати од коронавирусот. Освен што неделата беше еден од најтешките денови со најголем број заразени и починати во последните неколку недели, италијанското општество стави под карантин речиси 16,1 милион жители.
Затворени се училишта, јавни институции, цели градови во кои е блокиран и влез и излез, а надлежните органи редовно известуваат за состојбата со вирусот.
Сериозни проблеми имаат и спортските федерации кои не можат да го прилагодат својот календар на дадените околности. Натпреварите или се одложуваат или се играат без публика.
Така беше и викендов. Сите натпревари, меѓу кои и дербито Јувентус - Интер се одиграа без гледачи. На „Сан Сиро“ во Милано Горан Пандев го постигна својот 7-ми овосезонски гол.
Рутински, го прослави со соиграчите кои веднаш му пријдоа. Но ова наиде на реакции од министерот за спорт на Италија, Винченцо Спадафора.
„Фудбалот и натаму продолжува да дава лош пример. Еве денешниот излив на емоции на Пандев кога ги гушна своите соиграчи ви е најдобар пример за тоа“, рекол Спадафора во емисијата „90-та минута“ на РАИ2.
„Мораме да носиме решенија коишто ќе го заштитат здравјето на Италијанците“, рекол министерот а во одбрана на Пандев застанаа стотици навивачи на Џенова.
Фудбалерите имаат забрана да се ракуваат, така е и во Премиер лигата. Парадоксално е сето тоа, затоа што фудбалерите непрестано влегуваат во борба за топката, во постојани дуели, лизгачки стартови, се чуваат еден со друг при прекини итн.