Занимливости од животот на најдобриот англиски центарфор

Од пред некое време ја носи капитенската лента на англиската репрезентација и на Светското ќе предводи млад и амбициозен состав. Каков бил фудбалскиот пат на Хари Кејн?

По двата гола на Кејн против Вест Хем, Маурицио Почетино изјавил: „Јас сум вљубен во него“. После три дена Хари Кејн постигна хет-трик во Лига на шампиони па тренерот на Тотенхем на пресот рекол: „Подобро да не зборувам веќе за тоа, жена ми ќе ме избрка од дома“.

Веќе следниот викенд Почетино ризикувал семеен скандал - Кејн пак дал гол. Во сезоната 2016/17-та напаѓачот даде вкупно 36 гола за клубот, што беше повеќе од цел Вест Хем и уште осум екипи од Премиер лигата. Неверојатно чувство за гол.

ДЕТСТВОТО

На 28 јули 1993 година семејството на Ким и Патрик Кејн добило машко дете коешто решиле да го крстат Хари.

По раѓањето на малиот Кејн, фамилијата се преселила во друг реон од Лондон - Чингфорд каде Хари ги започнал своите први фудбалски чекори во Larkswood Primery Academy, а после и во Chingford Foundation School. Хари Кејн има ирски корени затоа што татко му е Ирец родум од Голвеј, Ирска. Затоа фудбалската федерација на Ирска до последно се надевала дека Кејн ќе реши да настапува за „Green Army“.

Во едно интервју тој зборувал дека фудбалските гени ги наследил од таткото на мајка му: „Мислам дека спортските гени ги наследив од семејството на мајка ми иако таа тема е горчелива за дискусија. Татко ми веројатно не би се согласил но мислам дека дедо ми Ерик бил добар фудбалер и играл на пристојно ниво“.

На осум години играл за Риџвеј Роверс во кој во своето време почнувал и Дејвид Бекам и многу други великани, а таму како дете бил и Андрос Таунсенд. Во тој клуб постојано доаѓал скаут на Арсенал кој цела година ги гледал натпреварите но не нашол перспективно дете. Или не знаел да најде.

Но Кејн подоцна не го примиле веднаш ниту во Тотенхем па едно време тренирал во академијата на Вотфорд за кого навивало целото негово семејство.

Необична е и епизодата со Џермејн Дефо од тоа време. Кога Кејн на 11 или 12 години играл фудбал со другарите во населбата, поминал Дефо, го викнале да им се придружи и тој поиграл со нив. Подоцна двајцата го сочинуваа напаѓачкиот тандем на Тотенхем на „Вајт Харт Лејн“. Просто неверојатно.

ПОЧНАЛ ВО АКАДЕМИЈАТА НА АРСЕНАЛ, НО НЕ ИМ БИЛ ДОБАР

За тоа дека Кејн го носел дресот на Арсенал и се појавил на прославата на ’Непобедливите’ (Анри и компанија) со офарбана црвена коса, Арсен Венгер дознал од весник. Хари тогаш имал 8 години а го отпуштиле од Хајбери една година подоцна. Како е тоа можно?

„На таа возраст децата просто сакаат само да играат фудбал. Но тешко беше да се предвиди каков играч ќе станам јас. Не бев висок за мои години и бавно напредував“, се сеќава Кејн на периодот од детството минат во лутиот ривал.

Во Тотенхем идниот идол на „Вајт Харт Лејн“ дошол на 11 години, но набрзо добил отказ. Проблемот бил во тоа што Кејн бил еден од најмалите и физички најслабите во неговата возрасна група. Пробале повторно на стадионот во Северен Лондон и овојпат било тешко, но успешно.

Наеднаш го снашла и бирократска мака. Пред да заигра за тимот на Тотенхем со деца до 12 години на татко му на Хари по грешка му стигнало писмо со известување за отказ на син му. Кога сфатиле дека е грешка, тренерот на академијата итно се јавил на телефон за да им се извини и да им каже дека сè е во ред.

ТРНОВИТ ПАТ ДО СЕНИОРСКИОТ ФУДБАЛ

Голема заслуга во откритието на талентот на Кејн има во неговите детски тренери, но незаборавен момент во кариерата е било вниманието на Хари Реднап.

Сè се случило во сезоната 2008/2009. Тогаш составот на Тотенхем У-16 отишол на турнир во Латинска Америка на Купот Чивас каде Хари дал три гола.

После тоа на 16 години бил преместен во У-18 и таму постигнал неверојатни 18 гола на 22 меча. Реднап веќе не сомневал дека малиот може да биде иден првотимец. Следната сезона Хари Кејн седна на клупата на првиот тим на Спарс во натпревари од Купот.

Идол во тоа време му бил Теди Шерингам. Од него имал постери, картички, сликички, дресови и автограм. Но патот на Кејн не се одвивал така лесно. Пред да стигне до првиот тим на „Спарс“ тој морал да трча по ораниците на нисколигашите Лејтон Ориент, Милвол, Норвич и Лестер.

Во Лејтон н апример во првата сезона во сениорски фудбал Кејн почуствувал што е груб машки фудбал. Младиот Хари уште во вториот меч за клубот од Рочдејл дал гол против Шефилд Венздеј а сезоната ја завршил со 5 гола на 18 меча со што му помогнал на клубот да ја одигра најдобрата сезона во последните години.

Во Милвол дал 9 гола на 22 натпревари во една сезона и го заработил признанието најдобар млад играч на клубот.

А во Норвич доживеал тешка повреда во вториот меч и бил принуден да пропутши неколку месеци, а следната полусезона отишол на позајмица во Лестер Сити.

ТРГНУВА ВО ЛОВ НА РЕКОРДИ

„Ураганот“ Кејн е 4. играч во историјата на Премиер (после Ширер, Анри и Ван Нистелрој) кој во Премиер лигата постигнувал не помалку од 20 голови три сезони по ред.

Тој е главен претендент да го сруши рекордот на Ширер по голови во првенството (260) иако до неодамна беше замена замислете на Емануел Адебајор и Роберто Солдадо. Но сите големи чекори се почнати од мали, па така и со Кејн.Неговиот развој оди во согласност со едно од правилата на Почетино - „Вие прво доаѓате овде да тренирате, а не да играте“.

Кејн се сеќава како работел на завршницата. За него било нормално на еден тренинг да има по 100-150 шутана гол а друштво му правеле другите напаѓачи на Тотенхем - Ерик Ламела, Кристијан Ериксен, Деле Али и Сон Хин Мин.

Хари цело време во рака го држи мобилниот телефон којшто се растурал од нотификации, но не од навивачите туку од Почетино и двајцата негови помошници. Тие направиле WhatsApp група и за време на фудбалските преноси му пишувале на Кејн да обрне внимание на тој или оној детал во играта на одбранбените фудбалери.

Дополнителен фактор за мотивација е 10-та на грбот. Откако Дефо ја добил 18-та изјавил дека 10-та е „заразена од голови“ и дека му ја подарува на Хари. Овој број во Тотенхем го носеа Шерингам, Кин, Ходл, Фердинанд, Гривз...

На 27 март 2015 година за првпат доби повик во репрезентацијата на Англија а влезе од замена и на „Вембли“ постигна гол против Литванција. Последниве две сезони во Премиер лигата минаа во знакот на Хари Кејн кој доби две „Златни копачки“ за најдобар стрелец во лигата.

За да постигне 60 гола за Тотенхем му требаа 99 меча што е нов клупски рекорд. Занимливост за него е што не дава ниту еден гол во август а минатиот септември даде 13.

КЕЈН РАЗГОВАРА СО СВОИТЕ КУЧИЊА

Ние не знаеме каде следната сезона ќе игра Алексис Санчез но извесно е дека кај и да оди со него ќе дојдат и неговите миленици Атом и Умбер.

Таква љубов кон кучињата има и најдобриот англиски напаѓач во моментов. Тој ги чува лабрадорите Вилсон и Бреди од октомври 2014а година а имињата им ги дал во чест на Расел Вилсон и Том Бреди, суперѕвездите на НФЛ.

Хари нив ги вика „моите другари“ и ги смета за членови на семејството. Со помош на Вилсон и Бреди Кејн објавил: Неговата дамнешна девојка (во иднина невеста) чека дете. Напаѓачот на Тотенхем е толку опседнат со кучињата што со нив беседи и преку FaceTime кога е во хотел на гостувањата.

Минатата пролет во акција на синиот крст за заштита на животните на Велика Британија, Хари Кејн донирал малечки кученца коишто ги добил по „акциите“ на Вилсон и Бреди со други домашни миленици.

ЛУД Е ПО ФАНТАЗИ ФУДБАЛ

На почетокот на 2015-та навивачите на Тотенхем формирале приватна лига во фантази фудбал. Тоа било одличен момент да се залечат раните од загубената титула против Челси со Мурињо.

Своја екипа, Kane's Army во виртуелниот шампионат имал и Хари и таа завршила втора. Интересно во составот ги имал Тери, Коста, Фабрегас, самиот Хари (2 гола и асистенција против Челси) а капитенската лента му ја дал на Давид Силва.

ДЕЦАТА ГО ОБОЖУВААТ

„Исто и јас сум бил навивач. Знам како е кога сум барал да се сликам или да ми дадат автограм. Тоа сега го доживувам како комплимент и значи дека постапувате правилно“, вели човекот кој ја води Англија на Свестко 2018.

Интерсно во есента 2015-та, на Кејн му стигнало писмо од 6-годишниот Оскар којшто го викал да дојде кај него дома во двор да си играат фудбал.

Хари му кажал на селекторот Рој Хоџсон дека ќе задоцни на утринскиот тренинг затоа што сака бар малку да поигра со мал навивач. Дента на „Вембли“ за време на мечот со Естонија биле и Оскар и Кејн.

НЕ СПИЕ ЗА ДА ГЛЕДА НФЛ

Освен што домашните миленици ги нарекол по омилените ликови од американскиот фудбал, Хари Кејн е вљубен во оваа лига. Тој неодамна зборуваше за евентуална кариера во НФЛ: „Кога ќе завршам со фудбал би сакал да се пробам како кикер (позиција во НФЛ). Па макар бил и само еден меч. Еднаш на гости во Тотенхем дојдоа екипи од НФЛ па се радував како дете кога шутирав високо една топка.“

СО ЖЕНА МУ СЕ ЗАЕДНО ОД ШКОЛСКИ ДЕНОВИ

Како и Герет Бејл (до скоро и Вејн Руни), така и Кејн целиот свој живот е со девојка која што ја знае од детството. Таа се вика Кети Гудленд а Хари ја знае од 6 години:

„Заедно одевме во школо, така што таа ја следеше цела моја кариера“, раскажува Хари.

Во јануари парот добил ќерка а на 1. јули Хари ја побарал Кети за жена на Бахамите. Одгворот очекувано бил: „Да!“.