За Супер купот Милан - Јуве во С. Арабија, жените само со мажи под рака

Во Италија има голема полемика околу мечот од Суперкупот на оваа земја кој ќе се одигра на 13 јануари во Џеда, Саудиска Арабија. Жените нема да смеат сами да одат да го гледаат овој фудбалски спектакл.

Не е првпат италијанската фудбалска федерација, заедно со клубовите да го организира натпреварот од Суперкупот надвор од границите на својата земја.

Во минатото шампионот во Серија А и освојувачот на Купот се среќаваа во Либија и во Кина, а овојпат ја прифатија понудата за 7 милиони евра: по 3,15 милиони за секоја од екипите и 700.000 евра за Фудбалската федерација на Италија да се игра во Саудиска Арабија.

Мечот ќе се одржи на стадионот "King Abdullah Sports City Stadium" во Џеда, вториот град по големина во Саудиска Арабија.

****

Полемиката настана откако се дозна дека најголем дел од трибините ќе биде резервиран само за мажи, а корисниците на социјалните мрежи се лути што еден од најважните настани на италијанскиот спорт ќе се игра во земја каде нема никакви права за жените (и покрај наводните реформи кои ги донесе новиот наследник принцот Мохамед Бин Салман).

Прв се побуни потпретседателот на италјанската влада и министер за внатрешни работи, Матео Салвини, човек кој фактички ја води владата:

„Жално и срамно е што италијанскиот Суперкуп ќе се игра во исламска држава каде жените не можат да одат на стадион ако не се придружувани од мажи. Јас мечот нема да го гледам. Каде се сега италијанските феминистки и пратеничката Болдрини? Во иднина не би сакал такво нешто за нашите деца во Италија“, изјавил Салвини кој е голем навивач на Милан и не го пропушта секој домашен меч на клубот на „Сан Сиро“.

Минатата година, на 16 октомври Саудиска Арабија играше пријателска против Бразил и тогаш бил направен исклучок од ова правило па жените можеле да одат на стадионот без да мора да имаат маж крај себе.

Овојпат правилото одново ќе стапи на сила: жената ќе може да го гледа Суперкупот Милан - Јувентус само ако на стадионот влезе со татко, брат или кој било друг маж од нејзиното семејство.

Сите останати трибини ќе бидат слободни за влез на мажи со влезници.

Претседателот на Lega Calcio, италијанската фудбалска лига, Гаетано Мичике вели дека тие само се придржуваат до надворешната политика на државата и дека Саудиска Арабија е најголемиот комерцијален партнер на Италија благодарение на десетина големи компании кои работат таму. „Станува збор за земја во која правилата не може да се менуваат преку ноќ“, рекол Мичике и додал дека за организација на СуперКупот во Џеда добиле зелено светло од ФИФА и од УЕФА.

Но Amnesty International побарал од Милан и Јувентус да не го играат Суперкупот во Саудиска Арабија поради убиството на опозициониот новинар Џамал Хашоги во октомври минатата година.

Милан и Јувентус за сега не се огласиле, а слични проблеми имаа и Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал кој требаше да одиграат ревијален натпревар пред преполни трибини на истиот стадион.