Со Белорусија се сретнавме и во квалификациите за ЕП 2016 кога еднаш ремизиравме а еднаш загубивме во Скопје. Белорусите во моментов се 72. на ранг листата, речиси 100 места пред нас. Од таа причина е важно да врземе две победи по ред и во добро расположение да се пречека гигантот Шпанија на 11. јуни.
Голема вест на денешниот прес беше најавата на селекторот Ангеловски дека утре ќе настапат сите играчи меѓу кои се наоѓа и 16-годишниот фудбалер на Келн Дарко Чурлинов. Засега, најмлад дебитант во историјата на македонската репрезентација е Тауљант Сулејманов, кој на пријателската против Камерун настапи со 17 години, 6 месеци и 12 денови. Чурчинов има 16 години и 8 месеци.
Со тренинзи започнал во младинската академија „Форца“ а потоа од Работнички преминува во Вардар. Неговиот талент го забележале скаути од Германија и во 2015-та Чурлинов играше најпрвин за Магдебург, потоа кратко престојувал во Ханза а сега е во Келн за чии младинци игра.
„Нè очекува пријателски меч со Белорусија, но за нас исто како да е квалификациски. Ќе им дадеме шанса и на некои фудбалери кои немаа доволна минутажа. Повикан е и младиот Дарко Чурлинов затоа што е екстра талент а ова ќе му претставува поттик во Келн. Јас и натаму ќе им пружам шанса на младите таленти“, изјави селекторот Ангеловски на денешната прес-конференција.
Заедно со него беше и најдобриот македонски фудбалер сезонава, Илија Несторовски од Палермо кој даде два гола против Лихтентшајн, еден со десна еден со глава:
„Секогаш кога ќе добиеме една, следната се опуштаме, знаете и сами. Утре нè чека Белорусија, сакаме нова победа. Што се однесува до прашањето за пеналот кој го шутирав со лева, па јас сум левучар и секако дека не ми било намерата хет-трикот да биде со лева, со десна и со глава. Сум имал хет-трик и со глава и хет-трик со десна“, се насмеа Несторовски кој утре ќе го предводи нападот против Белорусите.