
Последните минути од натпреварот се секогаш напнати кога резултатот е израмнет или кога еден тим губи со гол разлика и има шанса да израмни. Во овие моменти секоја секунда може да биде драгоцена, но некои фудбалски фанови (претежно навивачи на ривалите на Манчестер Јунајтед), тврдат дека тимот на Алекс Фергусон секогаш добива повеќе време кога му треба да постигне гол.
Фергусон стана и препознатлив по неговиот став и поглед на часовникот во последните минути, а овој период од натпреварот доби и свое име - "Fergie time".
И тоа е точно. Статистичарите ги потврдија овие тврдења. Земајќи ги во предвид сите натпревари одиграни од 2010-та година, кога Манчестер Јунајтед губи, натпреварите биле продолжувани по 4 минути и 37 секунди, во споредба со 3 минути и 18 секунди кога воделе, односно во просек тие добиваат по 79 секунди повеќе кога губат.
Сите други водечки тимови од Премиер лигата добиваат помалку дополнително време од Манчестер Јунајтед, а натпреварите на Челси дури завршуваат и порано кога тие губат.