Ги имаме тепано Малта 5:0, Албанија 5:1 и 3:1, Еквадор 4:2, Црна Гора 4:1, Канада и Данска по 3:0, Катар 2:1, Турција, Романија, Украина, Бугарија, БиХ и Финска по 1:0, а Шпанија ја водевме во еден момент 2:0 со головите на Пандев.
Со оглед на досега сработеното во овие 25 години, овие резултати остварени на пријателски не изгледаат воопшто лошо, а доколку беа во квалификации веројатно многу подруга ќе беше приказната во нашиот репрезентативен фудбал.
Крањ е историски потсетник за стартот на македонската фудбалска репрезентација на кој се навраќаме во разни пригоди, исто како и денеска во очи на пријателскиот дуел против Словенија.
Новиот селектор и кам бекот на Пандев кој вечерва заедно со Александар Трајковски ги очекуваме во прв состав како тандем од Серија А, нека донесат пресвртница која ќе донесе подобри резултати.
И се разбира многу поубав и офанзивен фудбал како овој кој може да се види низ само две фантастично изработени акции под водство на Андон Дончевски. Пет месеци по деби настапот во Крањ, следуваше уште еден меч со Словенците кој се одигра на денешен ден пред точно 22 години.
Звукот на видеото крчи, кајрон типичен за 90-те, на почеток се слуша некаква си сирена. Градски полн со околу 20.000 гледачи кои по само 2 минути игра го поздравија голот на дебитантот Жарко Серафимовски. Во 20 минута Драган Канатларовски Цапар и Зоран Бошковски Чоко во улога на Иниеста – Суарез за конечни 2:0. Гол за најавна шпица.
За Македонија настапија: Кире Трајчев, Зоран Јовановски, Митко Стојковски, Драган Канатларовски, Бошко Ѓуровски, Љупчо Марковски, Жарко Серафимовски, Горан Георгиевски, Зоран Бошковски, Неџмедин Мемеди и Тони Мицевски.