Војнички кодекс во договорот на Балотели со Милан

Откако при првиот престој во Милан го фатија како пуши цигари со кондуктерот во возот при враќање од едно гостување, во клубот сега му наложија кодекс на однесување на проблематичниот шпиц.

По првото заминување на Марио Балотели од Милан, Силвио Берлускони изјави дека тој е расипана јаболка. На прашањето зошто го вратија повторно, Берлускони изјави дека други инсистирале на негово враќање а не тој лично.
 
Газета дело Спорт пренесува дека извршниот директор Адриано Галијани ставил клаузула во договорот со Балотели според која тој ќе мора да внимава на начинот на однесување, облекување и изразување. Галијани наводно кодексот го земал од луѓе кои служат во италијанското воено воздухопловство.
 
25-годишниот Балотели, веќе беше критикуван за неговите очајни работни навики во Ливерпул каде имаше ужасна сезона. Вчера во Милано ги имал медицинските прегледи по што потпишал со Милан.
 
Според Газета, Балотели ќе мора да пази да не ѝ наштети на сликата на клубот поради што внимателно ќе бидат надгледувани неговиот Твитер, Фејсбук и Инстаграм. Кодексот му забранува на Балотели да прави циркуз со екставагантните фризури, да пази како се облекува, да не пуши, да не посетува ноќни клубови и да биде на време на тренинг. Пиењето исто така му е забрането. Како во војска.
 
Неговиот прв престој во Милан беше исполнет со голови и Супер Марио играше успешно. Сепак со тек на времето го покажа својот темперамент. Најпрвин на новинарите им го фрли микрофонот на земја и им кажа дека ништо не знаат за фудбал. Потоа им покажа среден прст на навивачите на Каљари, доби две суспензии од по три меча (паузираше вкупно 6). Кулминацијата беше кога го фатиле како пуши цигари во друштво на кондуктерот во тоалетот на возот при враќањето од Фиренца.