Унгарскиот судија Виктор Кашаи стана првиот арбитар кој денеска се послужи со видео технологија и откако прегледа забавена снимка од еден спорен момент во шеснаесетникот, досуди пенал. Тоа се случи на мечот од Светското клупско првенство помеѓу екипите на Атлетико Национал – Кашима.
Најсреќниот човек кој го виде тој момент не се ниту навивачите, ниту фудбалерите на Кашима кои го добија пеналот, туку човекот по име Алдо Бискарди. Веројатно ова име не ви звучи познато, но во Италија нема кој не го знае. Најпрепознатлив е по следнава реченица:
„Воведете видео технологија во фудбалот, потребна е видео технологија“.
Бискарди е рекордер по број на емисии за фудбал кој од 1980 година почна да го води тв шоуто „Процесот на Бискарди“. Се работи за една од многуте италијански емисии за фудбал каде гостуваат фудбалери, тренери, експерти.
Во Раи се вработи во 1979 година како уредник и следната година стартуваше со емисијата за која по 32-та сезона му дадоа признание за Гинисов рекорд, како емисија со најдолг стаж. Од тогаш „Просецот на Бискарди“ промени неколку тв куќи, но никогаш не се откажа, а главната работа за која се залагаше беше воведување на видео технологијата.
Во март оваа година кога беше донесена официјалната одлука за воведувањето на технологијата првиот човек на ФИФА изјави дека тоа е историски ден за фудбалот, а изјава на таа тема се разбира дека даде и Алдо.
„Тоа е голем успех и уште награда за мојата емисија по онаа од Гинис. Не можам да ја сокријам радоста и им благодарам на сите весници, телевизии и радија кои зборуваат на таа тема. Верувајте ми дека тоа е радост за праведност и чесност против грешките на судиите кои се радуваат откако со сите средства ја бранеа својата непогрешливост“.
За Бискарди не е за издвојување само битката за правилото кое го има во други спортови како на пример тенисот и кошарката. Човекот нема испуштено Светско првенство од 1958 година. Кога темпераментните Италијанци ќе се раскараат за фудбал во неговата емисија знаеше да ги пресече и да им рече: Не зборувајте сите, туку само двајца или тројца наеднаш.
За него се зборува дека бил близок до Берлускони, но и со Моџи кој му се јавувал на телефон да му сугерира кои спорни ситуации на одредени натпревари смее да ги пропагира во неговата емисија.
Токму ради тоа и го суспендираа 6 месеци од екраните, откако го фатија во телефонски разговори со поранешниот директор на Јувентус. Во еден од разговорите Лучано Моџи му нуди на Бискарди часовник во вредност од 20.000 евра.
Дел од едно негово неодамнешно интервју во кои изнесува интересни работи:
Никој нема да ве стигне? Станавте вечен како Фидел Кастро?
36 годишни изданија по ред. Тоа е апсолутен рекорд на телевизија. Се плашев само од Дејвид Летерман, но и тој се повлече.
А вие?
За мене во природата е да одам напред. Синоќа завршив со емисијата на полноќ, а сега сум со тебе на интервју.
Сега сте на приватна емисија, како ви оди таму?
Вчера ме гледале 2,8 милиони гледачи, не можев да поверувам.
Твојот единствен процес кој го сака Берлускони.
Зборував и со него. Вели дека Милан ќе се врати на старите патеки.
Омилен коментатор?
Знам дека е од старите, ама ќе кажам Карозио? Фантастичен глас кој им даваше посебен шмек на натпреварите. Ќе ви раскажам нешто за него. Се играше финалето на СП меѓу Италија и Шведска 1958-ма и на пет минути до крај Каросио заврши работа.
Се измоча во гаќи?
Па какво мочање, туку имаше напад на диареа и помина бетер. Ова не сум го раскажал на никој до сега.
Добро стоите со Марадона, кажете ми нешто за него?
Се сретнав скоро со него во хотел Хилтон, таму оди секогаш и бара масажерка во соба. Тој е најголемиот на сите времиња, нема споредба со Меси и Пеле.
Си имал многу гости, со кој си најблизок?
Никогаш не сум се зближувал со фудбалери. До сега ниту еден играч не ми дошол дома, за разлика од директори на клубови со нивите швалерки.
За Лучано Моџи што ќе ни кажете?
Ми кажаа дека живеел еден кат под Ањели. Ако тоа е вистина, тогаш тоа е бомбастична вест. Се работи за личност како Итало Алоди кој беше генерален директор ист како Моџи. Кажуваше се што мислеше. Купуваше кого сака, зборуваше со судии, тренери, новинари. Ист е Моџи како Алоди.
Се слушате по телефон?
Од време на време. Сака да ми дојде во емисија. Ќе видиме, можеби ќе го поканам.
Почнавте да ја водите во 1980-та така?
Ќе ти дадам една ексклузивна информација. Просецот на Бискарди се роди во станот на Бјаџо Ањес, тогаш директор на Раи и навивач на Наполи. Го сметам за татко на емисијата.
Нешто за судиите?
Знаат дека имаат голема одговорност и играат на картата на својот карактер. Некои од нив се поставуваат ептен строго, како диктатори. Тој што го прави тоа фаворизира некој клуб.
Многу од нив навиваат за Јувентус?
Не можам да ви кажувам имиња, бидејќи и ќерка ми е новинарка. Еден судија ми рече: Две години како судам во Серија А и веќе можам да си купам две куќи од подароците што ми ги даваа.
Ќе стигне ли „Просецот на Бискарди“ до 40 години?
Здрав сум и немам потреба од лекови. Да се надеваме дека може.