Во шпанската фудбалска федерација фали само уште Касандра

По срамот со отпуштање селектор на ден пред почетокот на Светско првенство 2018, шпанската фудбалска федерација сега ја дрма нов потрес. Ама како да не се виновни тие, туку плачкото кој жали што Енрике се враќа на клупата по семејната трагедија.

Репрезентацијата на Шпанија моќно ги заврши квалификациите за Евро 2020, ја победи Романија дома со 5:0 и убедливо го освои првото место во групата. Притоа убаво им дојде и фактот што Ирска не се пласираше директно, па Шпанија на Европското следното лето, сите три меча ќе ги игра на домашен терен, во Билбао.

Но после судиската свирка за крај на мечот со Романија, селекторот Роберто Морено не се појавил на прес-конференцијата, а шпанските медиуми објавија дека тој добил шут-карта.

Неколку реномирани изданија меѓу кои AС и Марка соопштија дека селекторот плачел во соблекувалната, а плачеле и некои од фудбалерите.

Во микс зоната после натпреварот со Романија, повеќето фудбалери одбиле да дадат изјава. Само Жерар Морено отворено го поддржал селекторот Роберто Морено:

„Не можеме да влијаеме на тоа. Тренираме и играме на терен. Ние сме за селекторот и неговиот штаб. Спремни сме да умреме за него“.

Во вторникот се одржа прес-конференција на која претседателот на шпанската фудбалска федерација соопшти дека на клупата се враќа Луис Енрике. Некогашниот фудбалер на Барселона, Реал Мадрид и Рома седна на клупата на Шпанија по Светското 2018 но поради тешка болест на ќерка му, се повлече од функцијата.

Малечката ќерка имаше рак и во август годинава почина.

Од март 2019 година Шпанија ја водеше асистентот на Луис Енрике - Роберт Морено. Тој одработи привремено неколку натпревари како в.д. селектор а потоа му понудиле продолжување на договорот до лето 2020.

Резултатите на Морено беа одлични: 7 победи и 2 нерешени на 9 натпревари и сигурен пласман на Европско со 3,3 голови во просек по натпревар. Ова беше најдобар резултат меѓу сите селектори на Шпанија кои седеле на клупата повеќе од 2 натпревари.

Притоа уште во септември месец Морено зборуваше дека во секој момент ќе му го отстапи местото на Енрике кога и ако овој биде спремен да се врати: „Го сметам Енрике за добар другар. Таа дружба за мене е најважна од се. Ако сака да се врати на селекторската функција, јас со задоволство ќе му го отстапам местото и ќе продолжам да му помагам“.

Но не беше баш така, иако Морено треба да му биде животно благодарен на Луис Енрике што го внесуваше во стручен штаб да му биде помошник каде и да одеше.

Морено и Енрике се добри пријатели уште од 2008 година, а заедно работат од 2010-та кога Роберто му беше помошник на Луис Енрике и во Рома и во Селта и во Барселона и во репрезентацијата на Шпанија. Кога Лучо паузираше од фудбалот, Морено едно време беше помошник на главниот тренер на Селта Виго, Хуан Карлос Унсуе.

КОЈ КРЕНА ТОЛКУ ГОЛЕМИ РЕАКЦИИ ВО ЈАВНОСТА?

Постојат две варијанти зошто работите не одат според планот:

1. Морено сакал да оди на Европско како селектор и затоа така гласно и бурно реагираше на замената, после што федерацијата решила да го тргне целосно од стручниот штаб. Кога почнале муабети за враќање на Енрике, Морено изјавил дека тој повеќе верува на разговор во четири очи и дека намерува да продолжи да работи.

2. Федерацијата или самиот Луис Енрике од некои причини решиле да го тргнат Морено од стручен штаб иако постоел договор дека тој ќе се врати на позицијата помошник.

Во првиот случај нималку убаво не изгледаше поведението на Морено и неговите солзи во соблекувална се многу чудни, затоа што знаел со што се соочи Енрике во животот, а и самиот изјави дека нема проблем со тоа Луис да се врати во секое време.

Во вториот случај, Роберто Морено, довчерашниот селектор на Шпанија бил изигран од федерацијата (или Луис Енрике). Според АС, Морено се чуствувал предаден.

Постои варијанта која е најреална, а тоа е дека првиот човек на федерацијата, Луис Рубиалес не сакал ја напушти репутацијата. Сите ја памтат историјата со Хулен Лопетеги пред Светското во Русија кога тој тајно се договарал со Реал Мадрид без да ја извести федерацијата, па Рубиалес го избрка уште веднаш.

„Шпанија станува смешна“, напиша Икер Касиљас на социјалните мрежи.

Во вторникот Рубиалес свикал прес-конференција на која кажал дека зборувал со Луис Енрике:

„Ми кажа дека сака да се врати. Дознавме за тоа и од Роберто кој кажа дека нема да стои на патот на Енрике. Вчера се слушнав со Луис и му кажав дека Роберт нема да прави никаков проблем. Енрике ми кажа дека е благодарен што сметаме на него. Ни се заблагодари за тоа што стоевме на зборот. Но јас се ова го дознав од Роберто Морено.

Луис Енрике сам си ги бира помошниците. Личните односи меѓу Роберто и Луис не се тема за која треба да зборувам јас или федерацијата. Треба да се сретнеме со Морено, но тој не дојде, дојдоа само двајца адвокати за договорот. Ако тој синоќа решил да не излезе пред новинарите, го почитувам неговиот избор“, рекол Рубиалес.

Според ова Морено и Енрике самите се замериле еден со друг а федерацијата никого не наместила и сè правела чисто.