Плејоф на Лига Европа

Во Русија заврши убавата Дебар маалска приказна

Последниот македонски претставник во Европа минимално поразен од Рубин Казан во реванш мечот, по што рускиот тим обезбеди учество во групната фаза од Лига Европа.

Рубин Казан многу посериозно ја сфати својата задача за разлика од првиот меч во Скопје кој заврши 1-1. Иако играа без најдобриот играч Карадениз, Русите од самиот старт тргнаа офанзивно кон голот на Работнички. Дури 12 шутеви од кои 7 во рамките на голот на Романтичарите беа показател за ситуацијата на теренот. Даниел Божиновски одбрани три зицери (Дјадјун, Кануников и Едуаро) и го остави Работнички во живот.
 
Редовниот учесник во европските натпреварувања притискаше и тоа му се исплатеше во 36' минута кога Кануников потегна по левата страна, додаде до Карлос Едуардо кој точно од пеналтикот со лева го отвори резултатот 1:0.
 
Тоа беше прв гол за Едуардо во Европа во дресот на Рубин каде игра од 2010. година. Бразилецот има и 6 настапи за бразилската репрезентација иво отсуство на Карадениз тој е главен играч на Рубин Казан. До полувремето, избраниците на Игор Ангеловски се обидоа преку контри, но одбраната на Рубин не дозволи повеќе простор за гостите. 
 

Вториот дел започна со пречка за Рубин. По слободниот удар на бугарскиот интернационалец Георгиев, Кануников биеше со глава но топката се одби од пречката.

Во 75' минута Работнички ја имаше најзрелата шанса. Цикарски нафрли, голманот на Рубин исплива во празно, а Чума Анене со глава наместо да шутира реши да го проигра Марјан Алтипармаковски и приликата пропадна.

До крајот, Работнички изведе два корнери, имаше неколку шута во рамките на голот на Рижиков, но резултатот остана непроменет и Рубин се пласираше во групната фаза на ЛЕ. Работнички повторно прикажа коректно издание и заслужено ги собра симпатиите на неутралните љубители на фудбалот.

Ждрепката за групите во Лига Европа е во петок од 13:00 часот.

27 август 2015 - 19:51