На погребот на Астори дошле многу видни луѓе од светот на фудбалот како Ван Бастен, Франческо Тоти, Хавиер Занети, Џиџи Буфон, Кјелини, Барѕаљи и многу играчи на Јувентус кои допатувале директно по слетувањето од Лондон, Лучано Спалети но и претставници од јавниот живот како довчерашниот премиер на Италија Матео Ренци, претседателот на Фиорентина Диего Дела Вале и други кои за последен пат му оддадоа почит на капитенот на Фиорентина.
По комеморацијата одржана во тренинг центарот на репрезентацијата на Италија во Коверчано, погребната поворка со ковчегот застанала пред стадионот на Фиорентина „Артемио Франки“ каде многу навивачи низ солзи се простија со нивниот омилен капитен.
Влезовите на стадионот на Фиорентина биле преплавени од шалови, цвеќиња и пораки за сочувство. Каков што е обичајот на католичките верници, илјадници присутни граѓани со аплауз го испраќаа Давиде Астори додека погребалната кола бавно се движеше.
Трогателен говор одржал кардиналот Џузепе Бетори којшто ја потенцирал милоста и скромноста на играчот и неговата способност да им помага на другите. „Градот Фиренца ќе го памети како наш засекогаш“.
Говор одржал и братот на починатиот Астори, Марко којшто им се заблагодарил на сите кои дошле и кои изразиле сочувство: „Не постојат многу зборови: секогаш му викав дека кога дава интервјуа секогаш ги кажува истите работи, па сега и јас ќе го сторам истото. Деновиве ни покажавте колку многу го сакавте мојот Давиде“.
Во име на екипата зборуваше заменик-капитенот, репрезентативецот на Хрватска Милан Бадељ:
„Давиде, ти си толку едноставен, искрен, прагматичен. Со твојот длабок поглед ти можеш секому да западнеш во око и да останеш таму. Ти не си како другите. Ти зборуваше со сите нас, за да ни го покажеш патот. Секогаш зборуваше од срце, ги мотивираше најмладите и најстарите со дарот на универзалниот јазик на срцето, дар кој малкумина го имаат. Ти си брат или син каков што секој би посакал да има. Твоите родители треба да знаат дека не погрешиле ништо во врска со тебе, ниту точка. Ти си најдобриот соиграч кој играч би можел да го посака кога ќе започне да ја игра оваа прекрасна игра.
Како да ги заборавиме твоите насмевки, твојот смисол за хумор? Ти не си како другите, ти си фудбалот во права смисла, чистиот фудбал на децата.
Нашите мисли се со мајка ти и татко ти, со твоите браќа, со Франческа и принцезата Викторија (неговите сопруга и ќеркичка). Ти беше човек со големо Ч и ние ќе и го кажеме тоа. Секое утро ти беше секогаш прв да вклучиш светло во собата за тренинзи. Ти си светло за сите нас.
Фала ти, Давиде“.