Во Барселона има ново чудо од дете

Се вика Карлес Алења, роден е во едно мало каталонско градче. Има 20 години и веќе го сметаат за можен наследник на Чави во средниот ред. Синоќа на додавање на својот идол го даде првиот гол во шпанското првенство.

Сезонава младиот Карлес Алења тренира со првиот тим на Барселона а дебитираше на мечот со Бетис на кој Каталонците неочекувано доживеаа дебакл (2:4) на „Камп Ноу“. Карлес тогаш ги одигра последните 21 минута.

Синоќа, во триумфот на Барса против Виљареал од 2:0, Алења исто доби 20 минути (влезе место Артуро Видал), но ги искористи максимално добро - го даде првиот гол во Ла Лига и тоа во 87 минута:

Пред две години, на 30 октомври 2016 Алења во меч од Копа дел Реј против Хераклес постигнал гол.

За Алења велат дека е наследник на големите мајстори кои потекнуваат од Ла Масија. Уште пред две години Алења кој е роден во каталонското градче Матаро бил еден од лидерите во тимот на Барселона Б. Минатото лето заработил непријатна повреда но сезонава тренерот Валверде го гледа со првиот тим и веќе му дава повеќе шанса.

Алења одигра добро и се очекува и во среда да добие шанса во Копа дел Реј.

„Сè е полесно со Меси, само тој може да види такво додавање. Ја дава топката каде што сака и излегуваш еден на еден. Многу сум среќен што дадов гол на Камп Ноу. Ми се оствари сонот. Добро работиме и му создаваме главоболка на тренерот да го одбере тимот. Знам дека работам добро и сега мора да ги искористам шансите кои доаѓаат“, изјавил после мечот 20-годишниот Карлес Алења.

Интересно, на Алења синоќа за голот му асистираше Меси, неговиот идол од детството па до ден-денешен.

Карлес целиот живот сонувал да игра со Меси. Но да се оствари оваа негова животна желба не било баш едноставно. Тој во клубот дошол во 2005 година кога имал само 7 години.

Таа сезона Лионел беше прекомандуван во првиот тим после дебито во 2004-та.

Карлес Алења ја поминал целата своја кариера во академијата Ла Масија паралелно со маестралните партии на Меси во првиот тим. Интересно е што Меси го постигна првиот гол за Барселона на асистенција на Роналдињо, неговиот идол а сега Алења се израдува на гол на додавање на својот омилен фудбалер.

Дел од неговиот раскошен талент: