Ако локалните фудбалери веќе се навикнаа, на странците им паѓа посебно тешко да ја одиграат оваа недела, како на физички план така и во секојдневен живот: празници без семејството и најблиските.
Поранешниот репрезентативец на Ирска и фудбалер на Рединг и Вулверхемптон, Стивен Хант најдобро опишал како изгледа Божиќната вечер на фудбалерите од Премиер лигата:
„Ако играте на денот на Свети Стефан (26 декември), речиси сигурно тренинг ќе имате закажано на Божиќ сабајле во 9. Ако имате деца, тоа ќе значи дека посетата на Дедо Мрази ќе биде невообичаено рано. Често морав да станувам за да ја спремам ќерка ми и да ја носам на доделување пакетчиња. Собирот пред мечот обично е во 16 или во 18 часот навечер, во зависност од далечината на патот. Дури и ако играме дома, пак спиеме во карантин“.
Поради тоа најубаво за Божиќ поминуваат оние фудбалери кои утредента не треба да истрчаат на терен. Најбезопасна опција за такво нешто е дисквалификација на Боксинг Деј колото. Пет жолти картони по ред во Премиер лигата добиени до 1-ви јануари значат суспензија од еден меч.
Што за тоа мисли Стивен Хант? „Слушнав такви муабети дека играчите ќе одат на суспензија пред Божиќ. Мора да признаам дека кога висев со четири жолти картони, низ глава ми поминуваше мисла за петтиот жолт. Не одрекувам“, признава Хант.
„Местенките“ за жолт картон преку Christmas tactics датираат одамна. Во 2009 година сомнежите ги распали судијата Стив Бенет. За време на една судиска конференција во Шпанија на една седенка Бенет отворил душа на случаен соговорник за кој се испоставило дека е новинар на весникот News of the World.
Бенет се отворил и без гајле зборувал: „Играч влезе во мојата соблекувална и ми кажа: ’Реф, ми треба еден жолт картон’. Му дадов еден жолт картон за, но ми одговори: ’Не, не тука, на теренот’. Спремни беа на се само за да добијат уште еден жолт за да не играат на Божиќ. Еден друг играч еднаш дојде и ми кажа: „Не сакам да играм против оваа екипа“.
Неодамна во емисија на BT Sport, продолжи Хауард Веб: „Ова навивачите не сакаат да го слушнат. Понекогаш пред Божиќ играчите сакаат пауза и знаат дека жолтиот може да им помогне. Намерно ја задржуваат топката или ја шутираат пред судијата за да го добијат тоа што го сакаат“, рече Веб и ја отвори „Пандорината кутија“.
Веќе долго време во Англија симбол за празнична пауза на Боксинг Деј се смета Кевин Нолан од причина што ги пропуштал празничните мечеви 5 години по ред (некогаш имало натпревари и за Нова година). Бекот на Астон Вила, Алан Хатон на пример добил два жолти картони за 2 минути пред крајот од мечот со Арсенал. Навивачите сметале дека тоа е идиотизам, но Шкотланѓанецот тврдел дека не можел да се контролира себе после првата опомена.