Во 2009-та Реал направи многу чудна зделка, а агентот го нарекле Коперфилд

Фудбалерот кој секогаш се наоѓа на листите за најлоши и најслаби фудбалери кои некогаш играле во Реал Мадрид и Ла Лига воопшто, раскажа како дознал дека го бара „кралскиот клуб“ и како мислел дека го мајтапат.

За два дена до крајот на јануарскиот преоден рок 2009 се случи нешто чудно. На францускиот менаџер Иван Ле Ми му заѕвониле од Реал, за да го доведат на позајмица неговиот клиент Жулиен Фобер.

Од прво, менаџерот на Фобер не можел да поверува што слуша. Не му било верно.

А францускиот малку познат фудбалер, во тој момент беше крилен играч на Вест Хем и склон на повреди. Во 2006-та година дури одигра и еден меч за репрезентацијата на Франција, а во следната година од Бордо замина во Лондон и по кратко време ја повреди Ахиловата тетива па паузираше 6 месеци.

Фобер за „чеканите“ од Лондон дебитираше дури во јануари 2008-ма година. Во првата сезона тој се појави на само 8 меча за Вест Хем, а во зимата 2009-та се случи тој фамозен повик.

КОГА МУ СЕ ЈАВИЛЕ ОД РЕАЛ РЕКОЛ ДЕКА НЕМАЛ ВРЕМЕ ЗА МАЈТАП

Во мај 2020-та година агентот Ле Ме во интервју за The Guardian раскажа како течеле преговорите:

„Јас побарав еден пријател во Шпанија и му реков: 'Слушај, ми се јави некој рекоа дека се од Реал, прашуваа за Фобер. Многу е чудно'. Пријателов заѕвонил на бројот кој му го дадов, му се јавил спортскиот директор па ми се јави на мене: 'Иван, вистина е, точно е. Сакаат да те видат тебе задутре во 7 наутро на аеродромот Хитроу“.

Фобер и самиот не поверувал кога му се јавиле со понуда од најголемиот клуб на светот.

„Бевме во клупскиот автобус, одевме на меч со Фулам. Ми се јави Француз од Реал и вика: “Здраво, јас работам во Реал, треба да поразговараме“. Му одговорив: „Еј морам да се спремам за важен меч, немам време за зафрканција“.

Го исклучив телефонот, мечот се одигра, а кога го вклучив после видов околу 30 текстуални пораки и 50 гласовни пораки. Кога дознав дека нешто е стварно сериозно, веднаш му свртев на менаџерот. Ми кажа дека мора да преговара со Реал зошто нивните луѓе се дојдени на “Хитроу“. Тоа беше последен ден од трансфер преодниот рок и отидовме да преговараме“.

ЗА ФОБЕР СЕ ЗАИНТЕРЕСИРАЛ ТОГАШНИОТ ТРЕНЕР НА РЕАЛ МАДРИД ХУАНДЕ РАМОС

Преминот на Жулиен Фобер во „Кралскиот клуб“ е след на среќни околности.

„Реал сакаше да го потпише Антонио Валенсија но Виган тогаш за Еквадорецот барал 25 милиони фунти што на денешниот пазар е рамно на 80 милиони“, раскажува агентот Ле Ме и продолжува: „Фобер беше втора варијанта после Валенсија, него го избра тренерот на Реал Хуанде Рамос. Година дена претходно Рамос го водеше Тотенхем. Жилиен одигра два фантастични меча токму против нив за Вест Хем. Затоа и ја доби таа шанса - понекогаш чуда се случуваат“.

Интересно, Ле Ме по средбата со Шпанците од Мадрид, требал да води и тешки преговори со луѓето од Вест Хем.

„Генералниот директор Скот Даксбери и спортскиот директор Џанлука Нани беа одговорни за трансфери. И двајцата беа жестоки преговарачи. Иако Жулиен не играше многу во тоа време, тие сакаа многу пари зошто пак, се работи за Реал. Ни успеа да ја направиме зделката па мене неколку недели ме викаа Дејвид Коперфилд. Не можеа да поверуваат што се случи“.

Соиграчите на Фобер во Вест Хем биле во уште поголем шок.

„Кога се заклучи зделката, се вратив да си ги земам работите од Вест Хем па некои дечки почнаа да се смеат. Ми викаа: 'Жулиен, сфаќаш кај одиш?! По ѓаволите, Реал Мадрид! Памтам дека Марк Нобл ме игнорираше и му реков: “Марк, има некој проблем?“, а тој ми рече: 'Жулиен, не можам да разговарам со тебе, ти си играч на Реал, поголем си од мене. Општо имаше многу многу зафрканции“, се сеќава Фобер кој секогаш влегува на листата најлоши фудбалери кои играле за Реал Мадрид.

ФОБЕР ОДИГРА 2 НЕЦЕЛИ МЕЧА ВО МАДРИД, ЕДНАШ НЕ ДОШОЛ НА ТРЕНИНГ И ЕДНАШ ЗАСПА ЗА ВРЕМЕ НА МЕЧ

И после сите преговори, паднал договор. Французинот Фобер отиде на позајмица во Реал Мадрид за 1,5 милион евра со можност да потпише 3-годишен договор. Вест Хем добил 1,5 милиони евра за едногодишна позајмица.

Судејќи по сликите, легендарниот Алфредо Ди Стефано уште тогаш чудно го гледал Фобер.

Во Реал Фобер одигра два меча и севкупно помина 54 минути на теренот. А на локалните медиуми им подари и неколку необични поводи за смеа и потсмев.

Еднаш по грешка не дошол на тренинг. Мислел дека немаат тренинг и останал дома. А на еден меч против Виљареал просто заспал на клупата за резерви. Еве што рекол за тоа:

„Ги затворив очите на 30-ина секунди. После тоа претседателот ми кажа дека треба да бидам буден зошто цело време има камери. Многу научив од тоа искуство“, раскажал Фобер.

После тие испади и очајната форма веќе немало шанси за него во Реал. Се врати во Вест Хем каде одигра уште 3 пристојни сезони. Настапи на повеќе од 100 меча за „чеканите“ и после се пресели во Турција. Од таму се врати во Бордо а подоцна играше уште и во Шкотска, Финска па дури и Индонезија.

Жулиен Фобер дури успеал да заигра и за репрезентацијата на Мартиник затоа што има мартиниски корени. Оваа пролет влезе на двете селекции на најлоши фудбалери кои некогаш играле во Реал Мадрид и Ла Лига. Верзиите беа според реномираните AS (во мај) и Marca (март).