Малку се фудбалските богови на кои им аплаудирал „Сантијаго Бернабеу“

На 19 ноември 2005 година се случи нешто незамисливо на стадионот во Мадрид: Навивачите на Реал станаа на нозе и долго му аплаудираа на Бразилецот кој ги изрезили нивните миленици, даде два гола и направи самба шоу.

За тоа колку Роналдињо беше неверојатен на тоа историско Ел Класико говори и податокот дека пред него само Диего Марадона успеал да му даде два гола на Реал во Мадрид.

Да се биде понижен дома од најголемиот ривал и да се има доблест да му се искаже standing ovation за неговата маестрална партија е голем настан.

Пред 13 години на денешен датум се одигра чудесната ноќ на Роналдињо. Во составот на Реал за тој меч беа Бекам, Зидан, Раул, Робињо и Роналдо - кој од кој поголема ѕвезда. Но вечерта „вонземјанин“ беше бројот 10 на блауграна.

Уште од старт Каталонците покажаа дека се дојдени да „воведат ред“ на Бернабеу. Во првите 15 минути везеа по теренот и Ето го отвори резултатот на асистенција на тогаш 18-годишниот Лионел Меси.

Се играше 12 коло од Ла Лига која што ја освои Барселона под водство на Франк Рајкард, со 12 бода повеќе од вечниот ривал тогаш трениран од Вандерлеј Луксембурго.

НАЈЦРНАТА ВЕЧЕР НА СЕРХИО РАМОС

Денес важи за најдобриот и најтрофејниот стопер на светот, но на тој 19 ноември 2005 Серхио Рамос беше посрамен како никогаш во кариерата.

Рамос го чуваше Роналдињо и буквално не знаеше каде се наоѓа од дриблинзите на Бразилецот. После неколку фантастични потези, во 59’ минута Рони зголеми на 0:2 а во 78’ ги постави конечните 0-3.

Веднаш по вториот гол на Роналдињо кога како мали деца ја измеша целата одбрана на Реал, илјадници навивачи на „кралскиот клуб“ станаа и му аплаудираа - на најдобриот играч на нивниот најомразен ривал. Незаборавна вечер за која долго ќе се зборува.

Разалената мадридска публика во многу ретки случаи се решава да стане и да го испочитува противникот. За нивната разгаленост многу пати зборувале и самите фудбалери на Реал, а standing ovation на „Сантијаго Бернабеу“ доживеале само уште Алесандро Дел Пјеро (5 ноември 2008), Андреа Пирло (23 октомври 2013) и Франческо Тоти (на 8 март 2016, последен меч на капитенот на Рома во Мадрид).

19 ноември 2018 - 15:41