За 18 дена на стадионот „Младост“ во Струмица (капацитет нешто повеќе од 6.000 седишта), ќе се игра реваншот од втората квалификациска рунда за ЛШ меѓу Вардар и Малме. Првиот меч во Шведска се игра на 12. јули.
Црвено-црните веќе сериозно се подготвуваат за двомечот, а денес објавија дека секој што ќе сака да го гледа реваншот ќе треба да одвои 500 денари.
„Вардар во реваншот ќе го пречека шведскиот тим во Струмица. Натпреварот на стадионот ’Младост’ се игра на 18 јули од 18 часот. Картите за овој меч ќе бидат пуштени во продажба од 3 јули 2017 (понеделник) и ќе чинат 500 денари. Истите можат да се набават на сите продажни места на Тикет Плус“, се вели во соопштението на сајтот на ФК Вардар.
Оваа цена не е баш близу стандардната ако се знае дека другите клубови од земјава кои играа на истиот стадион, ставија промотивни, двојно пониски цени од причина што ќе играат далеку од дома (Шкендија и Пелистер) и сакаат да имаат повеќе публика.
Од друга страна, има и коментари дека картите за Евро куповите ширум Европа движат со таа цена и дека на еден верен навивач не би требало да му биде проблем да ја одвои оваа сума за да го гледа својот клуб.
Вардар би требало да има голема поддршка на овој меч, особено што УЕФА не дозволи да се игра во Јагодина (Србија) поради чување на теренот на „Градски“ за Супер Купот а тоа го поздравија навивачите на Вардар кои попрво би патувале до Струмица отколку до Јагодина.
Од друга страна, Малме ќе добие околу 250 влезници за своите симпатизери кои ќе стигнат во Струмица.
Карти ќе можат да се купат и во другите градови, на следниве места: Скопје: Југотон, Билетарница СЦ Јане Сандански, Атлантик Турс, Тобако 2 Скопјанка, Тобако Корнер Југодрво, Тобако Водњанска, Тобако СП Планет, Food bar Trend City Mall, Lounge Restaurant Trend, Telekom Trend, Киоск М1 ТЦ Бисер, Киоск М1 Кисела Вода, Киоск М1 Холидеј Ин, Киоск М1 Скопјанка, М1 Медиа Бисер, Киоск М1 Центар, Киоск М1 железничка станица, Тобако Капиштец, Тобако Гоги Драчево;
Кавадарци: T.A. Атлантик Турс;
Струмица: Скала Травел;
Гевгелија: Т.А. Путник;
Прилеп: Т.А. Бран;
Охрид: Голден Тобако, New Tobacco;
Кочани: Радио Кочани;
Куманово: Т.А. Мерион Травел;
Велес: Унисон.