Еден од најдобрите македонски тренери, Чеде Јаневски после повеќе од 25 години се врати во својот матичен клуб. Првото, ’огнено крштевање’ му се погоди во баражот од Лига Европа, против турскиот гигант Фенербахче а Комити го пречекаа со пригодна парола.
Јаневски реши да не отстапува многу од составот кој го изнесе најголемиот товар на претходните мечеви па во првите 11 истрчаа: Филип Гачевски, Бесир Демири, Јевгени Новак, Бобан Грнчаров, Хамбарцумјан, Стефан Спировски, Дејан Блажевски, Бобан Николов, Хуан Фелипе, Дамир Којашевиќ и Тигран Барсегјан.
На спротивната страна, Ајкут Кочаман се одлучи да го одмора ровитиот Робин ван Перси а на клупата остана најновото засилување Роберто Солдадо. На „Филип Втори Арената“ пред околу 15.000 гледачи имаше одлични услови за игра а главен арбитар беше познатиот Италијанец Лука Банти.
Вардар заигра отворено од самиот старт, но Фенербахче ја имаше првата шанса преку Ахметан Кесе но Новак го одби неговиот шут пред голот на Гачевски. Во првите 20 минути Фенер се обидуваше да воспостави иницијатива, а Вардар мудро чекаше прилика. И ја дочека. Во 21. минута по една грешка на капитенот Топал кој со глави неспретно ја врати топката, Тигран Барсегјан ја скрати и со мајсторски го потег го исфрли Шкртел од игра и со лева го матираше Нигериецот Камени за лудило на трибините:
Во продолжение од мечот, Вардар остана мирно на својата половина а Фенербахче бараше израмнувачки погодок, но Филип Гачевски правеше чуда на голот со неколку извондредни реакции после шутевите на Валбуена, Потук и Кесе. Мирни и сталожени беа и Новак и Грнчаров кои во првите 45 минути успешно се справија со ѕвездите од Истанбул. На полувреме 1-0 за Вардар.
На паузата, Јаневски се одлучи во вториот дел на местото на Демири да го стави Брдаровски кој заигра подефанзивно од својот соиграч. Гостинскиот тренер во 64’ минута му даде шанса на Роберто Солдадо наместо Кесе а седум минути подоцна и со вториот шпиц од клупата Атиф Шејжу.
Во последните 20 минути Фенербахче тргна во целосна офанзива, но Вардарци носени од громогласните Комити кои 90 минути не престанаа со песна ги одбиваше сите напади на турскиот состав.
Самиот финиш донесе драма од неверојатни размери. Гачевски на голот бранеше животен натпревар, Грнчаров командуваше со одбраната а сите останати играа до последна капка пот. Судијата Банти во 89’ му даде втор жолт картон на капитенот на Вардар и го исклучи. Тој момент предизвика бурни реакции од ’Градски’ а ерупција настана во 92’ минута кога Топал со глава неприсебно го лобуваше својот истрчан голман и Вардар неочекувано доби 2:0
По тој момент, директен црвен картон доби и гостинскиот фудбалер Соуза поради намерен и груб фаул над Барсегјан. До крајот Вардар ја сочува предноста и со огромни 2:0 ќе патува на реваншот во Истанбул за една недела.