Поранешниот најдобар светски напаѓач, Ван Бастен тврди дека фудбалот би бил многу поубав за гледање ако се зголемат казните за задржување и губење време и даде поддршка на видео снимка на спорните моменти за судиите.
„Многу се губи време во фудбалот. Потребни ни се нови правила против тоа. Дај му црвен картон ако задржува време додека излегува од игра. Активната игра мора да биде на високо ниво“, вели Ван Бастен за Алгемен Дагблад.
Според легендата на Милан, промените се нужни на многу нивоа.
„Фудбалот мора да биде тензичен, фер и атрактивен. Гледајте само како се развиваше фудбалот. Модерниот стана како ракомет. Имаш 11 играчи кои се бранат пред својот гол. Во тој случај би можеле да го укинеме офсајдот. Правилото за офсајд е комплицирано и носи многу дискусии. Фудбалерите би се навикнале брзо без него. Цели 50 години фудбалот беше забава, а сега е голем бизнис. Многу пари се во игра“, продолжува Бастен.
Поради проблеми со болеста, тој на извесно време ја напушти омилената игра, но одвреме навреме се појавува како стручен коментатор.
„Се надевам дека видео снимките за судиите ќе бидат воведени пред Светското првенство 2018-та. Судијата задолжен за спорните моменти ќе може на видео да ги гледа клучните моменти, ситуациите пред голот, пеналите и црвените картони. Секогаш ќе има мали грешки, но има голем простор за напредок“, констатираше Ван Бастен.