Група Д
Италија - Уругвај 0:1
Годин 81`
На арената „Дас Дунас“ во Натал во првиот еден час се играше здодевен фудбал без динамика и шанси. Возбудувањата почнаа во 60 минута кога Маркизио доби црвен картон, а Италијанците со играч помалку решија да го бранат мирољубивиот резултат кој им носеше пласман во осминафиналето. Фудбалерите на Уругвај притиснаа и не реализираа 100% шанса преку Суарез кој не успеа да го надмудри Буфон. Студениот туш за составот на Прандели стигна на девет минути до крајот кога членот на Атлетико Мадрид, Диего Годин им ја донесе големата радост на Уругвајците кои во следната фаза ќе имаат јужноамериканско соочување против Колумбија.
Коста Рика - Англија 0:0
Натпревар без поголемо резултатско значење одиграа фудбалерите на Коста Рика и Англија кои го запишаа најнепопуларниот резултат во третото коло. “Групата на смртта“ мина во знакот на јунаците од Коста Рика кои освоија 7 бодови во конкуренција на три силни селекции. Избраниците на Рој Хоџсон си заминуваат дома со еден срамен бод и два постигнати гола.