
На 80км од Љубљана или уште попрецизно, на 15км до Трст на границата со Италија, се наоѓа Сежана, каде што зеленилото беспрекорно се вклопува со белите камени цркви.
Се работи за мало градче кое некогаш било дел од Италија, од 1920 до 1947 година. Но сега е развиено и има население од околу 14.000 жители.
Таму се раѓа револуционерен проект во светот на фудбалот, експеримент кој е фасцинантен по својата амбиција и учеството на народот.
Табор Јунајтед е дел од втората лига во Словенија, но веќе ги освојува насловните страници како врвен клуб. На чело е Давор Шкерјанц, поранешен словенечки играч од средниот ред кој пред 9 години играше за Триестина.
По престојот во Италија, играл за Табор, каде што ја завршил кариерата, и со тоа си го отворил патот за да влезе во клубот со претседателска функција.
Генерален менаџер е Линдон Томлинсон, поранешен директор за скаутинг за неколку англиски клубови како Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Лидс и Бирмингем.
Тој придонел и во откривањето и преговорите со играчи како што се Џејдон Санчо, Џуд Белингам и Алехандро Гарначо. Раководител на скаутингот е Хуан Ечеверија, кој во последната деценија работел во Манчестер Јунајтед како скаут за Јужна Америка.
Мајкл Горман, консултант и брокер, работи како портфолио менаџер. За време на неговата кариера, управувал со трансакции вредни над 90 милиони долари во Премиер лигата, МЛС, Серија А, како и НХЛ и НФЛ, а специјалист е и за релации со Јужна Америка.
СЕКОЈ ДАВА МИСЛЕЊЕ НА ТЕМА ТРАНСФЕРИ
Што е посебно во Табор? Тоа што сопствеништвото е отворено за мали инвеститори од цел свет. Постапката е едноставна. Треба само да се посети нивниот сајт каде се станува дел од клубот со минимална инвестиција од 250 долари.
Досега се собрани речиси 652.000 долари, од над 1.300 инвеститори, претежно од САД, но и од Хрватска, Италија, Велика Британија, Холандија, Колумбија, Германија и Иран.
Секој член може да учествува на состаноците за скаутинг, да гласа за нови играчи, да даде мислење за тренерот и да добива дивиденди од идните заработки.
„Ние сме првиот и единствен клуб во Словенија што користи групно финансирање. Сакаме да вклучиме инвеститори во сите аспекти, од скаутинг до маркетинг и комуникации. Многу од нив го прават тоа доброволно, како Кајл, еден од американските сопственици и креатор на содржини“, објаснува Скерјанц.
Трансфер политиката е свртена околу младинските академии на големите клубови, па затоа Табор има купено играчи од клубови како Интер, Манчестер Сити, Астон Вила и Брентфорд.
ДВЕ ГОЛЕМИ ЦЕЛИ
Клубот има две големи цели. Првата се однесува на спортските достигнувања, а тоа е промоција во Првата лига и пласман во Лигата на шампионите.
Табор посакува да стане најголем клуб во светот според сопственост на навивачи - инвеститори.
„Табор беше во првата лига, но за време на пандемијата се соочи со финансиски проблеми, па а тимот мораше да се рестартира од втората лига. Во Словенија е многу полесно да се квалификувате на европски натпреварувања отколку во Италија, каде што има премногу големи тимови со многу големи буџети. Сепак, тука 3-4 милиони евра се доволни за пласман во Европа. Во Словенија, со умерена инвестиција, можат да се постигнат големи работи“, вели Скерјанц.
Заедно со ова, постои и многу поблагородна општествена цел, а тоа е Табор да стане мултикултурен симбол на мирот, со оглед на тоа што и играчите и сопствениците се од целиот свет. Да нема бариери.
Инвеститорите комуницираат едни со други преку група на Телеграм каде што разменуваат вести, преноси од натпреварите од автоматската камера управувана од вештачка интелигенција, статистика, снимки од зад сцената, анкети за неисполнети позиции во составот, листи на потенцијални засилувања, гласање за месечни награди и идеи за производи и официјални дресови.
Еден од нив е Алесандро Крисафули, спортски менаџер од Милано, кој е контакт на Табор за Италија.
„Проектот е навистина фасцинантен. Кога мојата пријателка и претприемачка Марта Басо ми кажа за тоа, веднаш решив да го поддржам, со мал влог. Гледам толку голем потенцијал, не ме интересира економскиот аспект, туку спортскиот, социјалниот и образовниот. Затоа му предложив на претседателот серија проекти за развој на младинскиот сектор, во комуникациите, како и спортската и туристичката размена меѓу Италија и Словенија. Бев пречекан со голема отвореност и ентузијазам. Исто така, започнавме активности со моето Училиште за родители на спортисти. Прекрасно е што луѓе од целиот свет придонесуваат за спортски проект кој е, на свој начин, и проект на братство и мир.“
Денес, нема поголема победа од ова.