Уште четири репрезентации во неделата го потврдија пласманот на ЕП 2016 во Франција: Албанија (Група И), Романија (Група Ф), Германија (Група Д) и Полска (Група Д). Овие селекции им се придружија на оние кои во саботата удрија печат на пласманот на Европско: Исланд и Чешка Република (Група А), Шпанија (Група Ц), Англија и Швајцарија (Е), Северна Ирска (Ф), Австрија (Г), Португалија (И) како и Франција како домаќин на турнирот.
Шеснаесет селекции сигурно ќе се најдат на ждрепката за групи на 15. декември во Париз. Во следните два дена ќе се знаат учесниците во баражот, а најдобрата третопласирана репрезентација ќе обезбеди директен пласман.
Во моментов Унгарија е најдобра трета, но доколку Украина вечерва ја совлада Шпанија, Украинците ќе одат директно од нашата група. По триумфот од 4-0 над Луксембург, Шпанците се и дефинитивно први во нашата група. Словачка и Украина го делат второто место со по 19 бодови, но Хамшик и другарите се во предност поради подобриот учинок во меѓусебните дуели.
На избраниците на селекторот Фоменко ќе им биде доволна победа над Шпанија, вечерва во Киев од 20:45. Од друга страна, Шпанците иако со изменет состав (Алкантара, Иско и Нолито наместо Фабрегас, Силва и Бускетц), најавија дека имаат мотив за последниот натпревар. Шпанија ќе игра на истото место на кое пред 3 години ја совладаа Италија 4-0 во финалето и стигнаа до ново европско злато.
„Се наоѓаме во идеална ситуација, затоа што успеавме да го избегнеме последното коло како решавачко за пласманот. Но тоа не значи дека нема да ја вложиме целата енергија на теренот“, изјави шпанскиот селектор, Дел Боске пред мечот.
Во групата Е, речиси сè е решено. По теоретски обезбедениот пласман на Англија и Швајцарија, на Словенија ќе ѝ треба бод против Сан Марино за да го обезбеди баражот. Во групата Г, борба за второ место ќе водат Русија и Шведска. Русите ја пречекуваат Црна Гора без Вучиниќ и со бод, Русија ќе оди на ЕП. Шведска ја пречекува Молдавија и веројатно ќе се помири со баражот каде веќе се Република Ирска, Данска и Хрватска.