Во турската Супер Лига секоја година титула освојува еден од истанбулските гиганти Бешикташ, Фенербахче, Галатасарај. Во ретки случаи како оној од 2010 кога Бурсаспор го скрши мразот на триото во борбата за титулата.
Големата тројка на турскиот фудбал ја сочинуваат Галатасарај основан 1905 и прв турски клуб кој освоил европски трофеј (Куп на УЕФА 1999/00). Галатасарај има 20 титули во домашното првенство, а првата ја освоил во првото организрано првенство во 1959.
Фенербахче којшто е најголемиот ривал на Галатасарај има 19 титули, а Бешкиташ 14 шампионски трофеи.
Уште еден клуб кој барем за момент ја разбивал оваа трка во три е Трабзонспор, најмладиот тим меѓу големата тројка. Трабзон е клуб од брегот на Црното море во северо-источна Турција. Првата титула во Супер лигата Трабзон ја освоил во 1975 а потоа уште пет пати ја прекинувал доминацијата на гигантите.
Со оглед на тоа што Галата, Фенер и Бешикташ важат за богати клубови кои без проблем носат големи имиња од страна, сезонава сметките им ги помрсува еден мал клуб од Истанбул, основан пред само 26 години.
Како што во Англија лани Лестер херојски го помести природниот ред меѓу конкурентите за титулата, така сега малку позниот Башакшехир има сериозна намера да ја освои титулата. По влезот во прва лига во 2012/14, Башакшехир два пати завршувал четврти на табелата, а сезонава веќе ги победи Галатасарај и Фенербахче а ремизираше со Бешикташ и полусезоната ја заврши на првата позиција.
Како и Лестер, така и овој мал клуб од Истанбул кој игра на стадионот „Фатих Терим“ пред 2-3.000 гледачи ривалите ги победува со гранитна одбрана и брзи контри (со 16 примени голови досега ја имаат најдобрата одбрана во лигата)
Капитен на тимот е легендарниот Емре Белозоглу кој беше дел од трофејниот Галатасарај, а играше и за Интер и Њукасл. Предводеник на екипата е тренерот Абдулах Авџи кој иако е далеку помлад од Клаудио Раниери може да се пофали дека станал Европски првак со Турција до 17 години и дека бил селектор на сениорската репрезентација.
Најскапа инвестиција сезонава им бил вундеркиндот Ченгиз Ундер (19) кој дошол за 600.000 евра од нисколигашот Алтинорду, а зимава се засилија и со Емануел Адебајор кој од мај месец лани до денес настапуваше само на Купот на Африкански Нации во јануари. Еден од главните играчи им е босанскиот ветеран Един Висча а екипата е составена претежно од домашни играчи (имаат по еден Романец, Ганец и Швеѓанец)
Клубот пред неколку години изградил и голем објект за младинската академија која што се наоѓа веднаш до стадионот „Фатих Терим“ (17,801 капацитет) и која што е во рангот на академиите на врвните европски клубови. Башакшехир од неодамна потпишал и спогодба за соработка со Атлетико Мадрид.
Ако Големата тројка може да се пофали со пеколна и непријателска атмосфера за противниците, Башакшехир има мирољубиви навивачи кои неретко прават шеги на сметка на својата ’бројност’ или им посакуваат успех на ривалите кога играат во Европа. Тоа е и добро затоа што играчите и тренерот работат без притисок во средина во која тренерските глави „паѓаат“ на шест месеци.
По 20 одиграни кола Басакшехир има 12 победи, 6 нерешни и само 2 порази. Во моментов се втори зад Бешикташ кој им бега само 2 бода. До крајот на првенството има уште 12 кола така што ништо чудно Турција да го добие својот Лестер.