Тренерот на Севиља: „Светското е таму поради пари, живееме во најглупава ера во историјата“

Медиуми од западната сфера непрекинато фрлаат со дрвја и камења по Катар за тоа што таму загинаа илјадници необезбедени, неосигурани, незаштитени и сиромашни работници од Филипини, Индонезија, Непал и други земји. Но веќе е доцна. Катар доби домаќинство уште пред 12 години. Не вчера.

Откако некогашниот прв човек на ФИФА Сеп Блатер кој беше обвинет за сериозни махинации и корупција, изјави дека доделување домаќинство на Светско првенство на Катар било грешка, се огласуваат и тренери и играчи. Сегашни и поранешни.

(Сеп Блатер: Катар беше грешка, фудбалот и Мундијалот се преголеми за толку мала земја)

Блатер рече и дека на недела дена пред финалното гласање за домаќин на Светско првенство, поранешниот француски претседател Никола Саркози му се јавил на Мишел Платини и му кажал Францускиот сојуз да гласа за Катар а не за САД. „Недела дена подоцна Франција заклучи договор за продажба на џет-авиони на Катар во вредност од 14,2 милијарди евра“, рекол Блатер.

А поранешниот селектор на Аргентина кој ги водеше „гаучосите“ на Мундијалот 2010 во Русија, Хорхе Сампаоли, сега тренер на Севиља вели:

„ФИФА реши да го спроведе турнирот на погрешно место во погрешно време. И сето тоа ради пари. Тоа е бизнис, се останато е тргнато на страна, а за последиците ќе плаќаат други.

Логично е фудбалерите во целост да се посветени на Светско првенство, тоа не е нивна вина.

Денешното општество е многу алчно и ова е момент на историска глупост. Сега е најлошиот момент во историјата на човештвото, сè станува сè поглупаво.

Лидери? Јас веќе кажав дека ова денешно општество е најтупаво во историјата. Многу податливо, опстои на празност, на бесмислени ситуации. Го гледам тоа секој ден, секоја минута. Нас за ништо не нè информираат, па ние не знаеме која информација е реална зошто и медиумите се дел од тој циркус“, резигнирано рекол Сампаоли, бесен на крајно глупавата одлука среде сезона да се игра Светско првенство.

9 ноември 2022 - 12:58