Тренер на романскиот шампион направи измена во 25-та секунда од мечот

Некогашниот член на славната генерација романски фудбалери Дан Петреску е тренер на Клуж, првопласираната екипа во романското првенсто. Синоќа на мечот против Газ Метан Медијашу, Петреску го навлече гневот на целата јавност.

ЗА ШТО ТОЧНО СЕ РАБОТИ?

Со цел да им се даде повеќе простор на младите таленти кои би добиле шанса во големата конкуренција на странци, Романците минатото лето воведоа правило секоја екипа во почетничкиот состав од 11 играчи во првенството, да има најмалку двајца играчи помлади од 21 година.

Едниот од нив мора задолжително да го одигра целиот натпревр, а другиот може да биде сменет.

Во ова правило Дан Петреску нашол неколку дупки па буквално го злоупотреби на штета на едно талентирано дете. Тој уште пред да почне мечот од плејофот Газ Метан - Клуж, му најавил на 18-годишниот Разван Алин Фика дека ќе „биде жртвуван“.

„Ќе го ставам да игра само да го испочитувам правилото за У21 играчи. Фика е многу талентирано дете, веруваме во него, но прво треба да игра натпревари во своја категорија пред да го префрлиме на ова ниво на фудбал. За негова жал, вечерва ќе игра многу малку“, комотно и без срам рекол Дан Петреску за Digi Sport.

Мечот само што почна, а Петреску едвај го чекаше првиот прекин за да го извади малиот Фика од игра. Поминаа само 25 секунди а Фика уште не стигнал ни да се спои со топката, морал да излезе од игра, а на негово место влезе Константин Паун Александру (25).

Со ова младиот Фика стана најбрзо заменетиот играч во историјата на романскиот фудбал.

Инаку ова правило го избегнуваа и други тренери но баш никој така радикално како Дан Петреску. Претходниот „рекорд“ го држеше Богдан Илие кој на 10. февруари излезе од игра после пет минути во 24. коло на мечот ФЦСБ - Академика Клинчени.

Што е пострашно, тренерот на лидерот на табелата и најголем фаворит за титулата, Клуж, после мечот не искажал ни доза каење, а така најавил уште пред почетокот на првенството лани.

„Ако го држам играчот 5 минути на терен како тоа ќе влијаам на неговиот развој? Како ќе го едуцирам? А морам да го ставам според правилото. Немам друга опција освен да го внесам во стартните 11 и да го извадам во прва минута. Правилово е против фудбалот. Резултатите на нашата млада репрезентација не се добри поради ова правило, туку затоа што имаме квалитетна генерација. Ако некој вреди ќе игра било кога било каде. Немој да заборавите дека голем дел од нашите млади репрезентативци доаѓаат од Академијата на Георге Хаџи, така што ова правило за мене нема смисла. Како тренер врзани ми се рацете и нозаете. Не е чесно. Морам на терен да праќам секогаш најдоброто што го имам“, рекол во јули лани Дан Петреску.

На крајот Клуж не успеа да победи, мечот заврши 0:0 така што сега второпласираната ФЦСБ (некогаш Стеауа Букурешт) се приближи на само 4 бода негатива. Неодамна Клуж испадна од Севиља во Лига Европа.

10 март 2020 - 10:36