Трагичната автобиографија на Блажчиковски

Фудбалерот на Дортмунд во мај ќе ја објави својата животна приказна во автобиографијата, каде зборува за моментот кога видел како татко му ја убил неговата мајка, настан кој му го сменил животот.

Не е лесно да се заборави, но од секоја трагедија има излез, а тоа најдобро го знае Јакуб Куба Блажчиковски (30), играчот од средниот ред на Борусија Дортмунд. Полјакот одлучи да објави автобиографија, насловена „Куба“ (неговиот прекар во Дортмунд) која ќе ја пишува заедно со извесна Малгорцата Домагалик, новинарка од Полска.

„Во мојата автобиографија ќе раскажам за сè што сум преживеал сите овие години, па така и за моментот кога бев сведок на убиството на мајка ми, која што ја уби татко ми“, зборува Блажчиковски за Дие Велт.

Куба уште во 2012. година пред ЕП во Полска отворено зборуваше за трагичниот настан што му го сменил животот, а во автобиографијата оди уште подалеку во раскажувањето.

„Не е лесно. Таа епизода никогаш не ја заборавив и нема да ја заборавам. Тоа е дел од мене, затоа што дента се смени мојот живот, целосно паднав, но верувам дека успеав да се издигнам повторно. Во животот се сретнав со многу проблеми, работи што другите луѓе би ги сметале за трагедии. Во мојот случај знам дека што и да ме погоди, нема да ме турне, затоа што сум видел и полошо. До 15-16 години бев висок само 155 см и потоа наеднаш пораснав 20 см. Се оддалечив од сите и со години никој не сакав да ми доаѓа дома. Баба ми и вујко ми беа единствени кои најмногу ми помогнаа во тие моменти“, додава Куба Блажчиковски.

По повредата која го одвои неколку месеци од теренот, Полјакот се врати во составот на Дортмунд и се очекува да му помогне на тимот во продолжение од сезоната.

16 јануари 2015 - 17:08