На Вајт Харт Лејн минатата сезона го ангажираа комедијантот Мајкл Мекинтајер, сè со цел да разговара со играчите и да ги засмева пред натпреварите. Тогаш некои странски играчи не ја разбираа големината на Мекинтајер во Британија, а навивачите на Тотенхем иронично коментираа дека е право чудо како тој заработил помалку од Емануел Адебајор, а направил многу повеќе за клубот од напаѓачот.
Тоа беа подобри денови за клубот од северен Лондон, кој заврши како шестопласиран, под водство на Тим Шервуд. Од првиот престој во Тотенхем, Адебајор досега работеше со четири тренери и кај секој имаше маргинална улога во екипата. Тогоанецот во меѓувреме се пожали дека немаат никаква поддршка на Вајт Харт Лејн и подобро е да играат само на гости.
„Најлошо е кога ти свират твоите навивачи, затоа што нема каде да одиш. Понекогаш мислам дека е подобро да играме само на гости, затоа што нашите навивачи повеќе ни свират отколку гостинските. Во моментов, многу наши играчи се плашат кога ќе истрчаат на теренот, затоа што им се свири после третата минута", изјави Адебајор, после поразот од Стоук дома.
Спарси во моментов минуваат низ криза, затоа што ги загубија последните 4 од 5 натпревари на домашен терен и реновирање му треба повеќе на клубот, отколку на стадионот кој ќе се руши следната година, пишува Индепендент.
Тотенхем дома загуби од Ливерпул (0:3), Вест Бромвич Албион (0:1), Њукасл Јунајтед (1:2) и Стоук (1:2), по што „мамузите“ го имаат најлошиот домашен учинок во Премиер лигата од 2008-ма година, кога загубија пет по ред под водство на Хуанде Рамос. Во Лигата на Европа играат нешто подобро и таму остварија пласман во следната фаза, во конкуренција на Бешикташ, Астерас и Партизан. Англиските медиуми често ја споредуваат продажбата на Герет Бејл со метафората „продај го Елвис Присли и купи ги Битлси“.
Во исто време минатата година, Андре Виљаш-Боаш имаше 6 бодови повеќе и Тотенхем беше 5 места погоре на табелата. Португалецот беше отпуштен кон средината на декември лани, но Тотенхем после продажбата на Бејл не е истата екипа. Во моментов Тотенхем е 12-ти со 14 бода, дури 15 помалку од водечкиот Челси.
Навивачите ги повикуваат претседателот Леви и спортскиот директор Франко Балдини да си поднесат оставка, затоа што ниту еден од седумте играчи кои дојдоа со парите од Герет Бејл не ги оправдал очекувањата. Само тројца од тие седум играчи играа викендов во поразот од Стоук 1:2, а Данецот Кристијан Ериксен беше заменет уште на полувремето. Адебајор го замени Етиен Капуе, а Ламела исто влезе од клупата. Според анкетата спроведена меѓу навивачите на Тотенхем, од дојденците единствено Насер Чадли игра на високо ниво.
Бразилецот Паулињо дојде како големо засилување, но не играше ниту кај Шервуд, а уште помалку кај Покетино. Слаба минутажа имаат и засилувањата од летово, Федерико Фацио, Бен Дејвис и Бенџамин Стамбули. Белгиецот Јан Вертонген одби да го продолжи договорот кој му истекува следното лето, по што и тој сè послабо игра во првите 11.
Претседателот Даниел Леви и директорот Франко Балдини сменија неколку тренери, но ниту еднаш не ја превземаа одговорноста за сè послабиот Тотенхем во последните 2 години и навивачите бараат оставки од нив. Во следното коло, Спарси на 23-ти ноември му гостуваат на Хал.