Апсењето на Здравко Мамиќ и притворот за него беа доволен повод двете најголеми навивачки групи во Хрватска да решат да се вратат во голем број на стадионот во Загреб.
После долги години бојкот на домашните средби на нивниот Динамо (го следеа само во странство), Бед Блу Бојс преку официјално соопштение на нивниот сајт најавија големо враќање на северната трибина за дербито против Хајдук. Бојси веќе прославија за апсењето на омразениот Здравко Мамиќ и тоа пред истражниот затвор Реметинац каде лежи првиот човек на Динамо.
Во меѓувреме и од Сплит стигна порака за масовност на неделното дерби. Торцида најавува преку 30 автобуси за нивните членови кои ќе патуваат во главниот град.
Дербито Динамо З. - Хајдук се игра во недела со почеток од 19:00 часот, а картите на Максимир од среда се пуштени во продажба и интересот бил голем.