Јавното обвинителство го тужи Здравко Мамиќ дека незаконски извлекол минимум 52 милиони куни (околу 7 милиони евра), а неговиот брат се стекнал со 38 милиони куни или 5 милиони евра. Веста за нивното апсење ја пренесе и клубот преку соопштение.
„Со оглед на тоа што претседателот Здравко Мамиќ и тренерот Зоран Мамиќ од своите адвокати дознаа дека телото за сузбивање на корупција и корумпиран криминал УСКОК за нив побара притвор, поради мир во клубот одлучија да се вратат во Хрватска и да соработуваат со истражниte органи со цел да ја докажат својата невиност. Сопрени се на граница од страна на хрватската полиција, а со нив се и нивните адвокати. Сакаме да нагласиме дека цел тим, стручниот штаб, фудбалската школа и сите вработени дека цврство ги поддржуваме нашите колеги за кои сме убедени дека ќе ја докажат својата невиност“.
Хрватската полиција истовремено изврши акција во која се приведени уште осуммина луѓе кои се осомничени за местење натпревари. За сега нивниот идентитет не е познат, но според пишувањата на хрватските медиуми се работи за тренери, делегати и двајцата фудбалски судии.
Индекс пишува дека биле под таен надзор и дека во неговите прислушкувани разговори постојат докази дека местеле натпревари за неколку милиони куни. Некои од приведените признале и потоа биле пуштени на слобода, а тројца од нив се задржани во притвор.
Синоќа беше приведен и претседателот на хрватскиот фудбалски сојуз, Дамир Врбановиќ, за кој постои сомнеж дека додека бил директор на Динамо Загреб соработувал во делот за кој се терети Мамиќ.