Ќе издвоиме пет екипи од најсилните европски лиги кои сезонава беа хит и целосно изненадија, особено ако им го погледнете ланскиот пласман споредено со сегашниот.
Серија А - БОЛОЊА (Од 9-та на 5-та позиција)
Болоња во Лига на шампиони, кој би рекол? На есен, дел од елитата нема да бидат екипи како Наполи, Рома и Лацио, ама затоа во друштво на петката заедно со Интер, Милан, Јуве и Аталанта се најде Болоња.
Лани завршија 9-ти, а сега се 5-ти, иако ја имаа и четвртата позиција која ја прокоцкаа во последните две кола. Тијаго Мота заврши извонредна работа во тимот без ѕвезди и тоа со само 6 порази сезонава.
За споредба, Милан има 7, Аталанта 10, Рома 11 и Наполи по 11, Лацио 13.
Ла Лига - ЖИРОНА (Од 10-та на 3 позиција)
Болоња барем има нешто во витрината, а тоа се 7 Скудета, 2 Купови на Италија и еден Интертото Куп. Жирона нема ниту еден трофеј и игра на стадион со нецели 15.000 седишта.
Не само што изненадија со конечниот пласман на третата позиција, туку еден период не го даваа лидерското место и се однесуваа како Лестер 2016-та.
Завршија на -4 од Барса и +5 пред Атлетико Мадрид. Во цела клупска историја имаат само пет учества во Ла Лига, а ќе ги гледаме во Лига на шампиони.
Лига 1 - БРЕСТ (од 14-та на 3-та позиција)
Третото скроз неочекувано име на ждрепката за ЛШ ќе биде Брест. Тоа што во Шпанија сезонава е Жирона, во Франција е Брест кој исто така заврши трет.
На врвот нема екипи како Лион и Марсеј, но затоа го има Брест, клуб за кој сигурно и не слушнал никој од оние што површно пратат спорт.
Во периодот 1991-2004 биле дел од аматерски фудбал, а од 2019-та се прволигаши. Ај набројте тројца играчи на Брест да ве видам? Еден не знаете.
Бундеслига - БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН (од 6-та до 1-ва позиција)
Германскиот фудбал сезонава е посебна приказна испишана со неверојатни бројки и рекорди кои стојат зад името на Баер Леверкузен.
Ја урнаа 11 годишната доминација на Баерн Минхен и тоа со прва шампионска титула во својата историја и тоа освоена без пораз. Па има ли појако?
Чаби Алонсо и играчите се херои на сезоната 2023/2024. Ја завршија со 28 победи и 6 нерешени, а го освоија и Купот на Германија, само втор во историјата. Беа во игра и за тројна круна, но потфрлија во финалето од ЛЕ против Аталанта.
Бундеслига - ШТУТГАРТ (Од 16-та до 2-ра позиција)
Најголемиот скок од лани го има Штутгарт кој може да биде ептен горд бидејќи напредуваше дури 14 позиции.
Завршија со еден пораз помалку и еден бод повеќе од Баерн Минхен.
Во Лига на шампиони прават кам бек после 17 години кога ја освоија и последната шампионска титула.