Пред падот на Берлинскиот Ѕид

Тимот на Источна Германија што одби да умре

Пред 25 години, во 1990-та, Германија се обедини повторно и државата Источна Германија заминуваше во историјата, но не и фудбалерите на оваа земја на кој им остана дуелот со Белгија во Брисел.

На 12. септември 1990 година, судбината на Источна Германија беше запечатена. На церемонија во Москва, министрите за надворешни работи на Источна и Западна Германија, на Британија, Франција, САД и Советскиот Сојуз, потпишаа спогодба за обединување на Германија три недели подоцна.
 
Додека се подготвуваше документацијата за обединувањето, група Источно Германски фудбалери се спремаа за нивната приказна, илјадници километри западно, во Брисел.
„Знаев дека натпреварот ќе влезе во книгите по историја. Горд бев што ме викнаа и сакав да изиграм во голем стил“, се сеќава Уве Рослер, тогаш 21-годишен напаѓач на Магдебург.
Комунистичката Источна Германија имаше повеќе успеси на атлетските патеки и во базените, отколку на фудбалските терени. На последните летни Олимиски Игри пред падот на Берлинскиот Ѕид во Сеул 1988. година - Источна Германија беше најтрофејна после Советскиот Сојуз.
 
Најдобрите фудбалски моменти, оваа земја ги имаше порано, во ’70-те. Во 1976. година, Источна Германија го освои Олимпиското злато, но најголемата победа во историјата на оваа земја беше триумфот против класниот непријател, Западна Германија на Мундијалот во 1974. година.
 

Уве Рослер, сликан во 2014-та

Во едно интересно парче од театрот на Студената Војна, Јирген Спарвасер влезе во шеснаесетникот на Западна Германија и го постигна историскиот гол на единствениот меч меѓу двете Германии.
 
За иронија на судбината, Источна Германија го имаше можеби најсилниот германски состав во историјата. Им требаше само бод од мечот против Австрија за пласман на Мундијалот 1990. година во Италија. Во исто време кога селекцијата тренирала во кампот, во 1989. година владата го отвори Берлинскиот Ѕид.
 
Фудбалерите од Источна Германија преку ноќ станаа барана роба. На клубовите од западната Бундеслига им се отворила можност да купат талентирани играчи, кои сфатиле дека првпат во животот ќе може да заработат сериозна паричка.
„Уште додека бевме во тренинг кампот, нè опколуваа менаџери. Играчите цело време збореа на телефон со цел да ја осигураат иднината. Целиот фокус на мечот исчезна“, вели Рослер.
Еден раководител од Западна Германија бил фотографиран на клупата за резервни играчи на мечот во Виена, меѓу Источна Германија и Австрија. Луѓето од истокот тоа го сфатиле како причина за лесниот пораз на нивните играчи, кои повеќе мислиле на богатите договори кои им ги нуделе од Западна Германија.
 
Во февруари 1990. година, името Источна Германија се најде на ждрепката за ЕП 1992. година, но кога веќе стана јасно дека државата веќе нема да постои таа година, натпреварот против Белгија се водел како пријателски. Тоа му направило проблем на селекторот на Источна Германија, кој сфатил дека неговите најдобри фудбалери се чуваат од повреди на за нив „неважниот меч“.
 
Уве Рослер гледал различно на тоа. Тој уште играл во Источно-германската Оберлига и за него ова било исклучително голема шанса. „Знаевме дека многу луѓе ќе го гледаат натпреварот, многу менаџери, многу скаути од Бундеслига. За мене не се поставуваше прашањето дали да играм“ додава Рослер.
Играчите биле во тренинг центар близу Берлин.
„Мислам дека имаше само 10 играчи на почетокот на собирот и се сеќавам дека селекторот и целата администрација висеа на телефоните цел ден. Секој час слушавме како некој играч нема да дојде, а некој ќе дојде“.
Севкупно 22 играчи одбиле да го играат мечот против Белгија, а секој од нив давал оправдувања. Неколкумина пријавиле повреди. Четворица отворено рекле дека едноставно немаат мотиви, еден кажал дека нема пасош, а друг дека веќе не се гледа себеси како државјанин на Источна Германија.

Меѓу  нив бил и најпознатиот, Матијас Замер (23), веќе искусен репрезентативец кој бил под договор со Штутгарт во Бундеслигата. Замер опишал дека кога пристигнал во кампот, сфатил дека не дошла ниту една од големите ѕвезди. Проверил дали има лет за назад во Штутгарт истата вечер, но немало. Кога селекторот му кажал дека Замер многу ќе му треба, фудбалерот останал.
 
„Останав и некако бев среќен што нема веќе летови. Некогаш те следи среќа“, изјави Замер за документарецот на германската телевизија кој се прикажуваше лани.
Некои инсерти од пеењето на химната пред мечот покажаа сериозни, мотивирачки гримаси на нивните лица. Селекцијата отпатувала со 14 играчи, од кои двајца голмани. Тројца дебитанти меѓу нив.
„Кога ги гледаш сликиве, можеш да видиш каква морална обврска чувствувавме. Се надминавме себеси на теренот. Нема да верувате дека ова била пријателска кога ќе видите како лизгавме, стартувавме, се боревме како да е суден ден. Многу ни значеше натпреварот“, истакнува Рослер во документарецот.

Токму напаѓачот учествувал во првиот гол, кој го постигнал капитенот Матијас Замер, стрелец и на вториот погодок за 0:2.
„Мислам дека сите многу го почитувавме Матијас. Начинот на кој тој играше беше феноменален. Тој беше прав капитен на тој меч“.
Со победата во раце, селекторот на крајот го ставил и резервниот голман Јенс Адлер кој никогаш претходно не бранел за репрезантацијата, ниту пак ќе брани повторно. Адлер имал само една интервенција од корнер и бил последниот регистриран фудбалер кој играл за Источна Германија.
„Најмногу ми е жал што не го сочував дресот. Го испотив како никогаш до тогаш. Мислам дека носев петка, требаше да ја зачувам“, вели Рослер.
Тројца од играчите што настапија против Белгија тргнале подоцна да играат за обединета Германија, меѓу нив и Матијас Замер, кој запиша повеќе од 50 настапи. Репрезентативната кариера на Уве Рослер завршила таа ноќ во Брисел. Конкуренцијата во селекцијата на обединета Германија била пеколна, и тој решил да се посвети на клупскиот фудбал во Манчестер Сити.
 
Источна Германија никогаш не играла веќе. За време на навивачките нереди на меч во Оберлигата во ноември 1990. година, навивач бил застрелан и убиен од полицаец што допринело за поголема омраза меѓу навивачите и полицијата. Мечот за прослава на обединувањето бил откажан од безбедносни причини и победата од 2-0 против Белгија била последна во историјата на Источна Германија.