Следниот викенд е резервиран за репрезентативните обврски на фудбалерите како дел од редовното коло во квалификациите за Мундијалот во Русија. Но додека голем дел од играчите ќе одмораат, во тренинг центарот на Реал Мадрид ќе има двајца без тројца.
Дури 16 од 24 фудбалери на кралскиот клуб добија повик за настап во својата репрезентација. Тоа се: Серхио Рамос, Иско, Начо, Дани Карвахал, Алваро Мората, Марко Асенсио, Тони Крос, Герет Бејл, Хамес Родригез, Кејлор Навас, Кристијано Роналдо, Пепе, Лука Модриќ, Матео Ковачиќ, Касемиро и Марсело.
Тоа е доста непријатен податок за Зинедин Зидан кој ќе стрепи од повреди во пресрет на финалето од сезоната, кога престојат најтешките битки во Ла Лига и Лига на шампиони. Два фронта на која цели Реал Мадрид.
„Кога сите играчи ќе се вратат, тогаш ќе имаме девет натпревари кои ќе треба да ги одиграме во 28 дена, што ќе биде многу тешко“, изјави францускиот стратег.
Во месец април, почнувајќи од 2-ри, Реал во домашното првенство ќе се соочи со Алавес, Леганес, Атлетико Мадрид, Спортинг Хихон, Барселона, Депортиво Ла Коруња и Валенсија, а згора на се го чека двомеч со Баерн Минхен во четвртфиналето од ЛШ.
Зинедин Зидан има оправдани причини да биде загрижен во период од сезоната кој е од витално значење за освојување трофеи.