
На промоцијата во ХНК Горица на дваесет и седмиот ден од август, Игор Ангеловски - Мрме пред повеќе хрватски новинари изјави:
„Мојот начин на работа е да одиме полека, натпревар по натпревар. Во моментов најважно ни е гостувањето во сабота, мора добро да се подготвиме и да отидеме на тој меч да оствариме позитивен резултат“.
Мрме во Горица пристигнал сам, без помошници, така што членови на стручниот штаб и асистенти на клупата му се луѓе кои ги начекал во Горица: Саша Сабљак, Крешо Шоша, Синиша Клафуриќ и Тихомир Перековиќ, како и аналитичарот Јосип Паушиќ.
Тој натпревар за кој на претставувањето говорел македонскиот стратег беше со Вараждин на гости и Ангеловски доживеа пораз од 2:0 на дебито.
После неколку дена некогашниот селектор и неговиот тим го пречекаа шампионот Динамо Загреб на Адеми и Ристовски на кого му оддолеваа до 90+2’ минута кога Мислав Оршиќ ги однесе трите бода за Загреб. Секунди ги делеа од огромен бод против првакот кој го свитка Челси и му потпиша отказ на Томас Тухел.
Тешкиот распоред на почеток на авантурата во Горица, на Ангеловски му го донесе и силниот Осијек па и тука изгубија 0-1. Три меча три порази што придонело за разочарување на навивачите на тимот од Нова Горица.
По репрезентативната пауза, Горица изгреба бод на гости кај Шибеник а после тоа потклекна на два домашни меча по ред против фаворитите Ријека (0:2) и Хајдук (0:1).
Токму последниов меч со сплитските били предизвика големи полемики во хрватската јавност.
Некогашниот фудбалер на Барселона Муса Ваг од Сенегал (во 2018-та Барса го платила десниот бек 5 милиони евра од белгиски Еупен, а тој одигра 5 меча за Каталонците) доби црвен картон во 49’ минута поради стартот за пенал кој Хајдук го промаши.
Но човекот кој го „љуфна“ единаестерецот, Марко Ливаја, со гол во 90+8’ ги остави македонскиот тренер и Горица со празни раце. Се држеше Горица цел втор дел со играч помалку, одбранија и пенал и на крај во последни секунди прими гол и остана без ништо.
Според сево ова, сумирано, Игор Ангеловски на клупата на Горица има 5 порази и 1 нерешена средба со 2 дадени и 8 примени кола на 6 натпревари. Освои само 1 бод од можни 18.
НК Горица во моментов е убедливо последна во хрватската СуперСпорт ХНЛ лига со 6 освоени бода. Претпоследната Локомотива има 10 бода, а токму против загрепскиот клуб Горица ќе се обиде во сабота да ја забележи првата победа во сезоната.
Во хрватското првенство само последниот тим испаѓа од лигата која брои 10 екипи.