Тактиката со која Зидан ја сопре Барселона

Со головите на Роналдо и Бензема, Реал Мадрид го доби Ел Класико и ја намали предноста на Барселона на 7 бодови. Францускиот стратег е откриен.

Сите очи беа вперени кон Зинедин Зидан на ова Ел Класико кој како тренер дебитираше на големото шпанско дерби и тоа со победа на гости. Пофалбите одат на негова адреса бидејќи успеа да го запре убиственото трио составено од Меси, Суарез и Нејмар кои беа предводници на 39 меча без пораз.

Шпанскиот весник АС освен што има видео снимка со славје на нивни новинар, ја објави и тактиката на Реал против Барселона за која велат дека ја добиле на неколку часа пред мечот. Тие не се 100% сигурни дека тоа е ракописот на Зидан, но сепак направија заклучок од прикажаното.

Главна точка во забелешките е како да се справат со Меси кога влегува длабоко во средниот ред да прими топка. Потребни се брзи прилагодувања во однос на неговото чување, а дефанзивците ќе треба да бидат многу внимателни кога Луис Суарез влегува дијагонално зад задната линија. Вториот момент е важноста на кратење топки на средината на теренот каде треба да ја примат Иниеста и Ракитиќ, стои во пишувањето на АС.

На последното Ел Класико на Зидан како играч, Реал со играч помалку израмни и стигна до реми на Камп Ноу, а викендов на првото како тренер со играч помалку успеа да направи целосен пресврт.

4 април 2016 - 14:43