Така работат големи клубови - Мбапе се сретна со 8-годишно девојче кое го навредувале на интернет

Во интернетската џунгла има секакви ѕверови. Така некои будалетинки ја навредувале и исмевале малата 8-годишна Камил која боледува од ретка болест и на почеток на годинава снимила видео во кое зборува како сака Килијан Мбапе да остане во ПСЖ и да не си оди.

Малечката 8-годишна Камил во јануари снимила видео на кое му се обраќа на идолот на многу млади ширум Франција. Тогаш Мбапе беше на прагот да замине во Реал Мадрид. 

„Во Париз и Франција постојат милиони навивачи кои, како и јас, многу те сакаат. Затоа те молам да останеш во ПСЖ и да продолжиш да нè тераш да сонуваме уште долго. Килијан ти посакувам добра година со ПСЖ и со репрезентацијата на Франција“, рекла Камил во видеото снимено на 9 јануари.

Видеото брзо се проширило низ цела Франција, стигнало и на државните телевизии, а анонимни луѓе на интернет без никаков повод ниту причина ја навредувале малечката.

Тоа ја шокирало француската јавност која бурно реагирала а меѓу првите се огласил и самиот Килијан. „Насилство со коментари за дете... Стварно е дно. Дај соберете се малку“, ги осудил Мбапе разните корисници на социјални мрежи кои навредуваат скриени зад лажни идентитети.

На мечот кој ПСЖ го доби со Брест 2-0, Мбапе постигна гол и во камерата при прослава на погодокот кажа: „Ова е за тебе, Камил“. Сега ПСЖ заедно со Килијан решил да организира прием на Камил која дошла на велосипед со родителите од 70 километри оддалечено место за да се сретне со Мбапе.

Организиран е и фонд за собирање средства во борбата со синдромот од кој боледува малечката и други деца.

На пречекот имало стотици симпатизери на ПСЖ кој ѝ го направиле денот на малечката Камиле со песна и подароци. Мбапе и подарил дрес, ја прошетал низ стадионот и се фотографирал со неа. 

„И на тебе ти посакувам среќна година, мила моја мала Камиле. Продолжи да се бориш како што досега се бореше и сите нас нè научи животна лекција“, рекол Мбапе во обраќањето.

Камиле боледувала од ретка болест, од синдром Вактерл а нејзиниот татко Силвен за Паризиен објаснил колку е тешка оваа болест. 

25 август 2022 - 09:59