Тајното киднапирање на СП Аргентина 1978

Светските првенства знаат да бидат и опасни по живот, како што беше примерот со Колумбија која го загуби капитенот само поради еден автогол. На светскиот собир во земјата на Марадона, стресна случка раскажува шведски репрезентативец кој е среќен што се вратил дома.

Ралф Едстром бил прогласен за најдобар фудбалер во Шведска за 1972 и 1974 година, а на Светското првенство во Западна Германија бил еден од најзаслужните што неговата земја успеала да заврши на петта позиција.

По четири години тој опатувал со својата селекција и на Мундијалот во Аргентина, а по дури 36 години, поранешниот играч на ПСВ, Гетеборг и Монако кој сега како работи како стручен коментатор, го открива својот најлош ден во кариерата.

„Една ноќ додека без излезен, ми пријдоа двајца и побараа да заминам со нив. Ме однесоа во хотелска соба каде се сеќавам дека имаше само еден човек кој носеше темни очила. Срцето ќе ми испукаше од страв. Ме прашаа кој сум и од каде сум, а јас им покажав легитимација дека сум дел од Светското првенство. За среќа престанаа да ме испрашуваат и ме пуштија“, раскажува поранешниот шведски репрезентативец.

Само неколку дена пред инцидентот, Едстром седел во кафе барот од хотелот каде што бил сместен со повозрасен човек кој бил многу нервозен. По разговорот го гушнал за збогум и токму таа средба смета дека можеби е поврзана со неговото киднапирање.

Светското првенство во Аргентина се одржа само две години откако во земјата владеел воен режим во кој исчезнале многу лица. За случајот раскажал само на семејството и најблиските пријатели, а на колегите од репрезентацијата не сакал да им нанесе страв.

По таа непријатна случка вели дека бил најсреќен што повторно се вратил во Шведска. Прашањето кое си го поставува и денес е: Што ќе се случеше доколку не ја носев идентификацијата со која им покажав дека сум фудбалер?

30 мај 2014 - 17:38