На првиот натпревар Барселона на домашен терен триумфираше со 3:2, но Реал Мадрид надокнади уште на почетокот од реваншот. Се чинеше дека се беше решено уште во првиот половина час кога Барселона освен резултатското заостанување остана и со играч помалку, но тие не се предадоа.
Реал Мадрид поведе во 11-та минута кога Маскерано не успеа да ја исфрли топката и таа дојде до Гонзало Игуаин кој искочи пред Валдес и рутинирано стрелаше за 1:0.
Осум минути подоцна при нова контра на Реал Мадрид лошо реагираше и Пике, а топката ја прифати Кристијано Роналдо кој биеше откосо и го солвада Валдес.
И кога сите помислија дека Барселона ги загуби сите шанси во 28-та минута кога Адриано заработи црвен картон за соборувањето на Роналдо, во последната минута од првото полувреме надежта ја врати Лионел Меси кој намали на 2:1 со фантастичен погодок од слободен удар од 25 метри.
По лудото прво полувреме, темпото на игра опадна во вториот дел, но и во тие моменти Барселона беше опасна и со играч помалку. Во 62-та минута Педро имаше огромна шанса да израмни, но Касиљас успеа да го одбрани неговиот удар.
Каталонците во второто полувреме како да немаа играч помалку и тргнаа офанзивно во анулирање на негативата, но пулените на Мурињо стрпливо ги чекаа своите шанси.
Кедира изби сам пред голот на Барселона во 68-та минута, но Валдес одбрани, а во 80-та минута Игуаин имаше шанса да го реши натпреварот откако искочи сам пред Валдес, но ја погоди стативата.
Во судиското продолжение Барселона имаше две шанси за ирамнување. Касиљас го одбрани ударот на Монтоја, а Меси биеше крај голот и Реал Мадрид го задржа водството за триумф во шпанскиот Суперкуп.