Стара класична школа што не испаѓа од мода

Симпатиите од цел свет во нокаут фазата од ЛШ дефинитивно одат кај Ајакс. Да ги елиминираш Реал Мадрид и Јувентус, па уште да ги газиш и да им играш свој фудбал на нивни терен треба стварно да си махер. Децава играат со акал и срце, а заслужуваат и финале.

На Твитер профилот на Ајакс очекувано е доста весело со слики и видеа од големото славје и новата сензација која ја направија во четвртфиналето во ЛШ. Може да се забележи и една фотка со две деца кои кога ќе ги видите појма нема да имате кои се.

Над нив стои: Нашите деца за иднината.

Се работи за Дони Ван де Бек и Матијс де Лихт, синоќешните стрелци кои го нокаутираа Јувентус и истите тие кои од 5 години го носат дресот на Ајакс.

Ете тоа е таа верност на играчите и концептот на прочуената фудбалска академија која вади вакви блескави примероци. Можеби некој ја подзаборавил и мисли дека таму ништо повеќе не е исто, но Ајакс така работи со години и години и не купува играчи од 100 милиони евра кои прво бараат астрономски плати и место во градот каде да купат замок со 12 бањи.

Впрочем може сами да видите колку ги кошта составот со првите 11 кои синоќа истрчаа во Торино.

“Playing football is very simple, but playing simple football is the hardest thing there is”.

Ова е таа славна изјава на Јохан Кројф кој освои 17 трофеи со Ајакс од кои три по ред во Лига на шампиони (1971, 1972 и 1973), а потоа својата филозофија на игра ја пренесе како стратег на Ајакс и Барселона.

Јувентус е голем клуб со силно развиена стратегија за иднината која им донесе седум, а на праг им е осмата титула по ред. Сезонава беа ептен зрели за трофеј и во ЛШ за што како засилување го повикаа Роналдо.

Но синоќа победи еден друг добро познат концепт. Победи младоста, полетноста, храброста и убавиот фудбал кој сите сакаме да го гледаме. Победи холандскиот менталитетот на Ајакс.

„Некој може ќе ме нарече луд, но овој Ајакс е на исто рамниште со мојот Ајакс“, изјави Ван Гал по елиминацијата на Реал Мадрид.

ПСЖ, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Челси, Реал Мадрид па и Јувентус имаат многу, премногу пари за играчи, но синоќа не победија парите, туку страста за фудбал. Знаеме кој е Јуве и тој секако дека е фаворит на хартија, ама ние ќе си ја играме нашата игра. Така излезе вчера.

Погледнете ја оваа акција за која зборува цела Европа. И тоа не е против Ден Хаг, туку против екипа со одбрана за секоја се вели дека топка ќе пројде, ама човек никако. 

Ајакс ли е Барселона ли е?

Ќе се паметат овие снимки

17 април 2019 - 11:10