Кога Баерн Минхен го доби Порто на ждрепката за четврт-финалето од ЛШ, сите ги видоа Баварците во полу-финалето затоа што го добиле условно најлесниот од можните противници.
Да не биде така се погрижија Рикардо Кварезма со два и Џексон Мартинез со еден гол. Порто славеше 3-1 на Драгао и му зададе домашна задача на Гвардиола пред реваншот. Баерн ќе мора да брка два гола, а притоа да не прими ниту еден што не е воопшто лесно ако против себе го имаш пеколниот Колумбиец, Џексон Мартинез.
Иако големите европски тимови го бараат со години, тимот од Драгао го процени на 40 милиони евра, па подоцна ја спушти клаузулата на 35 милиони.
Приказната на Џексон Мартинез е класична бајка за сиромашните Јужноамериканци кои буквално со парче леб и вода стигнале до кремот на светскиот фудбал. Скаутите на колумбискиот Индепендиенте од Меделин го забележале уште во 2004. година на еден локален турнир, но шансата за малку ќе отишла во неповрат, затоа што родителите на Џексон Мартинез немале да му дадат пари за патот оддалечен 200 километри.
На крајот, татко му на Џексон успеал да „зашпара“ некоја пара, а првиот тренер на малиот Мартинез, Педро Сармиенто продолжил да се бори за талентираниот фудбалер.
„Се случуваше и по една недела да биде ненајаден. Живееше во очајни услови. Лично морав да му купувам храна, маици, копачки и шорцеви за тренинг. Тој не беше сиромашен, тој беше повеќе од тоа, живееше во страшна беда“, изјави неодамна Сармиенто во интервју за португалскиот Маисфутебол, а подоцна и за угледниот портал Фор Фор Ту.
По неколку месеци нов проблем за малиот Џексон Мартинез.
„Молк! Уста не отвораше од срамота. Секогаш доцнеше на тренинг. Јас викам, урлам, тој не одговара. Потоа открија дека доцнел затоа што немал пари за превоз. Пешачел секој ден. Два часа наваму, два часа натаму. Во џебот немаше скршен пезос. Тогаш го викнав да дојде да живее кај мене“, ја раскажува тажната приказна Сармиенто.
Колку е тежок патот до врвот, Џексон сфатил на дебито за Индепендиенте, кога навивачите го исвиркале, а Сармиенто го изолирал со цел да го заштити од големиот притисок. Сè до следниот пат кога го ставил во игра.
„Го уништи ривалот. Играше бесен во очите, после тоа никој веќе ништо не му замери“.
Џексон и натаму бил далеку од лагоден живот, затоа што првиот договор му носел 400.000 пезоси или 172 евра. Вториот двојно повеќе. За дечкото кој живеел на леб и вода, сосема доволен мотив да издржи. Издржи и го уништи големиот Баерн Минхен.