Бездомникот Рубен Виториано цели осум месеци спиел под отворено небо пред една од вратите на стадионот на Реал Сосиедад, „Аноаета“ заедно со своето куче.
35-годишниот Рубен веќе три години немал дом, живеел на улиците на градот Сан Себастијан, се хранел со остатоци од храна по контејнерите, а по неколкумесечно спиење по клупите во парковите, во последно време често преноќувал на влезот број 20 на стадионот.
Навивачите го забележале Рубен со своето куче и тој бил еден од најверните гледачи на клубот, по што побарале од управата да му даде работа.
Раководството на Сосиедад со задоволство прифатило и тој потпишал 2-месечен договор. Ќе работи како домар на стадионот и ќе ги одржува клупските простории а голема е веројатноста и да го вработат на подолг временски период. На стадионот добил и мало сместување каде на топло ќе може да преспива со своето куче.
„Речиси изгубив надеж дека во градов постојат добри луѓе. Така се случува кога ќе претрпите неколку удари во животот, но за среќа ме снајде ова“, изјавил пресреќен Виториано за мадридскиот лист Марка.
Рубен ретко кога зборувал за своето минато, така што ниту новинарите не дознале што го снашло во животот. Тој не им кажувал ниту на многу пријатели во населбата Амара Бери каде што живеел долги години.
Кучето го нашол штотуку родено и оставено пред седум месеци крај некој контејнер. „Имаше среќа и тој, но и јас. Јас најдов другар, а тој газда. Не знам што би правел без него, секогаш сме заедно, не одам никаде без него. Попрво би останал без храна отколку тој да биде гладен“, трогателно раскажува Рубен за својот најдобар другар.
По репортажата на “Mundo", ветеринарски служби му понудиле помош и кучето било искапено и вакцинирано. Му дале чип и му отвориле книшка според која се е во ред со него.
Веќе навикнал во два после полноќ да го буди полициска батерија со која му светеле во очите и да го однесат во полициска станица, каде секогаш констатирале дека ниту украл нешто, дека ниту пие, ниту се дрогира.
Првите два тима кои Рубен ќе ги пречека на „Аноета“ се Барселона и Атлетико Мадрид во следните кола.