Македонија слави, Македонија се радува. 27 години го чекавме врвот за кој оваа генерација се стремеше и се бореше и на крај заслужено го освои.
На следното Европско првенство за прв пат во историјата учесник ќе биде и нашата репрезентација, благодарение на овие јунаци на Игор Ангеловски.
Славевме минимално со 0:1, сосема доволно и тоа со голот на Пандев за кого овој пласман е круна на неговата блескава кариера која ќе му заврши токму после ЕП.
Моментот на одлука се случи во 56-та минута по една акција која беше уживање за гледање, а ја режираа кој друг ако не триото од Серија А, Елмас-Несторовски-Пандев.
Како што и се очекуваше, финалната битка донесе повеќе борба за секоја топка и голема претпазливост да не се прими гол. Фудбал за око, речиси и да немаше. Не видовме организација во играта на ниту една од двете селекции кои играа во грч.
Играта претежно се одвиваше во средниот ред со многу прекини, а првата закана дојде од домаќините кои се обидоа од далеку да го изненадат Димитриевски.
Најзрелата шанса во првото полувреме ја имаше нашата селекција во 29-та минута, кога Пандев биеше со глава, но голманот на Грујзите успеа да ја скроти топката и ја одби во корнер.