Батигол е легенда од најубавите денови на Серија А. Фиорентина го ангажираше во 1991 година од Бока Јуниорс по неговите настапи на Копа Америка со Аргентина.
Тој ќе остане еден од најдобрите трансфери на Артемио Франки, бидејќи стана дел од историјата на клубот со 168 голови на 269 меча.
Фиорентина во 1993 година испадна во Серија Б, а Батистута реши да остане и експресно за една година ги врати во елитата. По тој потег им стана миленик на навивачите, а веќе следната сезона беше најдобар стрелец во Серија А.
Летото 2000 година челниците на Фиорентина одлучија да го продадат во Рома за тогашни 70 милиони лири (40 милиони евра) кога имаше 31 година, а тоа е најскапиот трансфер на играч со толкава возраст.
Навивачите во знак на револт го демолираа стадионот и бараа од управата да го задржат по секоја цена, а потоа самите му изградија и споменик.
На 26 ноември 2000 година Батистута во Рим ги пречека своите и постигна ефектен гол по кој заплака и го крена Олимпико на нозе.
Истата сезона тој успеа во тоа што не можеше да го стори со Фиорентина, а тоа е освојувањето на Скудетото кое Рома го чекаше од 1983 година. Следната година дресот со број 18 го замени со 20, бидејќи толку голови постигна во шампионската сезона.