Солскјер создаде идентитет и го оживеа и Рашфорд

Oд Манчестер Јунајтед си замина тренер со педигре и 25 трофеи во нецели две децении, а го замени младич кој сега почнува да го учи занаетот. Ама ништо не значат името и бројките. Важна е новата енергија која кружи во тимот и која ги опива играчите.

Оле Гунар Солскјер сигурно не измислил топла вода на Олд Трафорд, туку дојде како спасител на уште една од низата незадоволителни сезони за клуб кој беше страв и трепет кога го имаа стариот.

Десет кола дечкото не знае за пораз. Има скор од 9 победи и едно реми во Премиер лига и ФА Куп. Каков почеток.

Со оглед на променливите резултати, млитавата игра и целосното дефокусирање на клучните играчи кои делуваа како почетници, ова е златен момент за клубот и навивачите во сред сезона која во никој случај не е загубена.

Со Мурињо делуваа безнадежни и под голем знак прашалник дали ќе фатат и Лига Европа, а сега се бод пред Арсенал и на само два бода до Челси кој се наоѓа на четвртата позиција.

Благодарение на Солскјер покрај Погба конечно живна и Маркус Рашфорд кој под негово водство постигна 6 гола и оствари две асистенции на 10 средби.

Причините за голгетерската серија на младиот англиски напаѓач е и еден договор со Џеси Лингард кој сезонава има 5 гола и 3 асистенции.

„Јас и Маркус си поставивме цели еден на друг чисто тоа да ни биде како уште еден предизвик оваа сезона, а тоа е кој ќе даде повеќе голови“, изјави Лингард.

Рашфорд во моментов го води Лингард со 10:5, бидејќи освен тие 6, постигна и 4 додека му беше тренер Мурињо, а близу е и до рушење на личниот рекорд од лани кога постигна 13.

Ако успее во тоа, голема ќе биде заслугата на Оле Гунар кој го измени ликот на Јунајтед од кој постојано бара напаѓачки фудбал, нешто што од него бараше Фергусон.

„Го разбира начинот на кој ние играме и добро објаснува што сака. Со него имаме добро познат идентитет и се надеваме дека ќе добро ќе тераме напред“, вели Лингард.

Манчестер Јунајтед има убави шанси за нова победа во Премиер лигата бидејќи утре со почеток од 13:30 му гостува на претпоследниот Фулам. Потоа им следува пеколен распоред: ПСЖ (ЛШ), Челси (ФА Куп) па Ливерпул (Премиер лига).

Инаку:

8 февруари 2019 - 14:23