Многу зависници од Football Manager имаат аплицирано за вистинска тренерска работа само со искуство од игрицата, млад Азербејџанец стана тренер на ФК Баку по долгогодишно играње на FM, a дури и Оле Гунар Солскјер призна дека на почетокот на неговата тренерска кариера најмногу му помогнала оваа игра. Уште една потврда дека играњето на Football Manager може да биде корисно ни доаѓа од Африка.
Минатата недела Швеѓанецот Роџер Палмгрен даде отказ од селекторската позиција на Намибија по само еден месец откако ја презеде функцијата и избега од земјата тврдејќи дека тој и неговото семејство добивале смртни закани. На негово место итно беше поставен довчерашниот асистент Рикардо Манети кој имаше само 2 дена за подготовка пред квалификацискиот натпревар против Нигерија.
38-годишниот Манети е поранешен фудбалер кој има одиграно 55 натпревари за репрезентацијата на Намибија. Кога тој се пензионирал во 2006-та година, неговиот шура го навлекол на играње Football Manager.
„Никогаш не сум сакал видео игри, но Football Manager ми го освои вниманието. Секогаш победував и сите велеа дека тоа е доказ дека ќе бидам добар тренер. Така и решив да се обидам во тренерските води", изјави Манети.
Играњето Football Manager навистина се исплатело за Манети. По само 2 дена откако тој ја презеде репрезентацијата на Намибија, тие во средата одиграа 1:1 против големиот фаворит и освојувач на Ариканскиот Куп на нации, репрезентацијата на Нигерија.