Азербејџанскиот фудбалски клуб чиј тренер од 2007-та до 2009-та година беше Ѓоко Хаџиевски, ФК Баку за нов тренер на својот тим го назначи Вугар Гулоглан Хусејнзаде. До тука нема ништо чудно во оваа вест. Проблемот е што Вугар има само 21 година и нема никакво искуство во фудбалот.
„Од секогаш сакав да работам во фудбалот и играм Football Manager од 2002-та година", изјави Хусејнзаде.
Во неговата биографија стои дека тој дипломирал бизнис менаџмент во САД по што на почетокот на оваа година тој се вработил во ФК Баку како советник.
Клубот долго време бил во потрага по тренер за нивниот тим, а во комбинација биле познати имиња како Жан-Пјер Папен, но челниците биле импресионирани од знаењето на нивниот млад советник и решиле да му го исполнат сонот.