Словенечкото дерби одложено, нема доволно полиција

Властите во Словенија одлучија да го одложат првенственото дерби меѓу Олимпија Љубљана и Марибор, затоа што речиси сите полицајци и редари се ангажирани во решавање на мигрантската криза.

Ноќта помеѓу петокот и саботата од Хрватска во Словенија влегле околу 4.200 мигранти, објави утрово словенечката полиција во Ново Место.
 
Од безбедносни причини, во Љубљана е одложен фудбалскиот меч меѓу Олимпија и Марибор затоа што сите полицајци и редари кои биле предвидени за одржување на безбедноста на дербито се ангажирани на границата со Хрватска.
 
Поради тоа што се очекувало гостински навивачи кои од Марибор би допатувале во Љубљана, словенечкото МВР соопштило дека целиот капацитет е преместен во решавање на бегалската криза на границите со соседните земји и дека не можат да го обезбедуваат големото дерби.
 
Фудбалскиот сојуз на Словенија и двата клуба сакале мечот да се одигра, но полицијата и градските власти го имале последниот збор, така што дербито на стадионот Стожице ќе се игра веројатно следната недела, а не викендов. Олимпија и Марибор се најголеми ривали во словенечкиот фудбал, а нивниот дуел важи за вечно дерби на тамошната лига. За Марибор со голем успех веќе неколку сезони настапува македонскиот репрезентативец, Агим Ибраими.