Славје на Алијанц арена за титулата и збогување со Томас Милер

750 натпревари, 247 гола, 176 асистенции, 13 првенствени титули, 2 Лига на шампиони, 2 Клупско светско, 6 Купови на Германија, 2 Супер Купови на Европа и 8 Супер Купови на Германија. Toa e Томас Милер.

Дојде и тој ден. Баерн Минхен да се збогува со Милер, симболот на клубот кој е рекордер во историјата на германскиот фудбал со 13 титули во Бундеслигата и човек со најмногу настапи во ЛШ за еден клуб.

Беше стартер против Борусија Менхенгладбах, а потоа излезе од игра во 84 минута по што следуваше величествено испраќање со шпалир.

Сите погледи беа вперени кон легендата кој го запиша натпреварот број 750, сите за еден клуб во кој настапуваше од 2008-ма, а претходно се калеше во младинскиот погон.

Томас Милер е синоним на Баерн Минхен од каде заминува како омилен лик и шоумен кој отсекогаш имал посебна врска со навивачите.

По вкупно 25 години минати во клубот на својот живот, Милер за последен пат се качи на главната трибина и одржа говор пред навивачите.

„Сите знаевме дека овој момент еднаш ќе дојде, а посебно сум среќен што ја враќам титула во Минхен. Љубовта што ми ја покажавте е уникатна. 25 години сум дел од овој клуб, стадионот секогаш беше исполнет и развојот кој го имавме е импресивен. Среќен сум што учествував и што помогнав во целиот процес. Го достигнавме самиот врв на европскиот фудбал, сакам да се заблагодарам на сите луѓе кои беа дел од мојот пат овие години. Ќе ми недостасува чувството да постигнувам гол на овој стадион“, рече во дел од неговото обраќање.

И да не заборавиме. Хари Кејн за прв пат во кариерата подигна трофеј. Дури сега, на 31 година. Сезонава постигна 37 гола на 45 натпревари.

 

11 мај 2025 - 08:07