На мегдан против трофејниот Фенербахче Вардар вечерва истрча без капитенот Бобан Грнчаров кој доби црвен картон на првиот меч, а неговото место во одбраната го доби младиот репрезентативец Дарко Велковски.
Тренерот Чеде Јаневски се одлучи за неколку промени во однос на првиот дуел во Скопје, па така џокерот Џигаури заигра наместо Дамир Којашевиќ а Владица Брдаровски на лев бек го замени одличниот летово Демири. Најистурен во нападот беше Тигран Барсегјан а поддршка му беа Фелипе и Дејан Блажевски.
Од друга страна, мечот пред 42.000 гледачи на модерниот стадион „Шукру Шарачогу“ турскиот тренер Коџаман го започна со ровитиот Ван Перси во нападот кому друштво му правеше Потук. Солдадо остана на клупата.
Како и што се очекуваше, повеќекратниот шампион на Турција тргна без калкулации, офанзивно и отворено, но Вардаровата одбрана делуваше спремно уште од почеток. Новак и Велковски рутински ги одбиваа сите напади на Фенербахче.
Дваесетина минути му требаше на Ван Перси првпат сериозно да се закани со шут со глава, но Гачевски кој блескаше на првиот натпревар, успешно го скроти ударот. Неколку секунди подоцна и партнерот на Холанѓанецот во нападот, Топал упати силен удар но без шанси да го отвори резултатот.
По една страшна контра Вардар можеше да ги олади домаќините, но Тигран Барсегјан од идеална прилика ја погоди стативата. Ерменецот можеше да го реши прашањето на патникот во следната рунда, но немаше среќа. До крајот од првиот дел Фенербахче имаше иницијатива, но како и во Скопје со јалови напади, без сериозни прилики.
Почетокот на вториот дел беше пресликан како првиот. Домаќинот кружеше околу шеснаесетникот на Вардар и освен безуспешни центаршутеви немаше сериозни шанси. Но работите се сменија некаде во 59’ минута кога Солдадо го замени Ван Перси и веднаш внесе живост во нападот на Фенер.
Во 61’ минута по еден корнер на Метју Валбуена топката со глава ја удри Шкртел а таа се одби на ногата на рускиот репрезентативец со германско потекло Роман Нојштадер кој го отвори резултатот:
Јаневски веднаш реагираше и го стави новиот стопер Висар Муслиу наместо офанзивецот Дејан Блажевски. Но Вардар сезонава не случајно победуваше екипи со далеку поголеми буџети како Малме и Копенхаген, па “Црвено-црните“ не се предадоа ни после примениот гол па ја играа својата игра. Контри и полуконтри.
Тоа резултираше со прекрасен напад во 70’ минута кога левоногиот Хуан Фелипе со фантастичен пас со десна во простор „го исфрли“ адутот на Јаневски вечерва Џаба Џигаури кој маестрално дрибна двајца противници (Исла го прати во реклами) и го совлада Идриз Камени за 1-1:
Во тој момент околу преполниот стадион во Истанбул се држеше за глава и во неверица гледаше што го снајде нивниот миленик. Вардар од тој момент психолошки се ослободи и заигра далеку поотворено, особено зошто на Фенер му требаа 3 гола за да направи целосен пресврт.
На 15 минути пред крајот голем дел од домашната публика заминуваше од трибините и со свирежи ги испраќаше потезите на своите играчи кои залудно имаа 77% посед на топка. Во самиот финиш Вардар имаше две неверојатни шанси кога Идриз Камени најпрвин го одбрани шутот на Барсегјан а потоа и бомбата на Спировски.
Но тоа што нив им избега од нога, не му избега на капитенот Никола Глигоров кој со прекрасен гол на асистенција на вештиот Барсегјан, го нокаутираше Фенербахче за 1-2 и Вардар во Лига Европа! Радоста на околу 300 Комити во Истанбул, а и на сите навивачи на Вардар во земјава и во странство можеше да почне.