Скудетото на Наполи од 100 лири

1990 година потсетува на Мундијалот во Италија, на Серија А во која играа најдобрите. Од Марадона, Ван Бастен, Матеус, Баџо, Клинсман па се до Гулит и Рајкард. Година во која Италијанците освоија три европски купови, но доделија и Скудето за кое Ариго Саки уште се буни дека е спорно.

Тоа беше златна година за италијанскиот фудбал во која Јувентус го освои Купот на УЕФА и Купот на куповите, а Милан го подигна пехарот во Лигата на шампионите. Но според моќта и силината на таа генерација, Милан се надеваше дека ќе се радува и на шампионската титула во Италија.

Еден од пресудните моменти за решавањето на Скудетото беше паричката од 100 лири со која беше погоден фудбалерот на Наполи, Алемао. Наполи гостуваше во Бергамо, а Милан во Болоња. И двата меча завршија 0:0, но тоа полемично коло донесе и трето полувреме.

За инцидентите на мечот Аталанта – Наполи, дисциплинската комисија одлучи да ги казни домаќините и да им впише на Наполитанците службена победа од 2:0. Берлускони, Галијани и Саки негодуваа, а имаа и среќа што судијата на нивниот меч не им призна чист гол на Болоња по кој можеа да загубат. Топката беше половина метар зад гол линијата, но судијата не успеал да го види тоа бидејќи му попречил Франко Барези.

Миланистите продолжиле да ја бараат правдата, па дури и изнајмиле експерт кој чита од усни за да утврди дали има нешто сомнително во разговорот меѓу лекарот на Наполи и Алемао. Додека играчот крвари и сака да стане, овој му вели да легне на земја.

За 31. коло се дебатирало цела недела, а благодарение на службената победа Наполи избил на прво место. Работите околу прашањето на титулата станале уште појасни во 33-то и претпоследно коло. Во Болоња овој пат гостувал Наполи кој бил убедлив со 4:2, а за Милан тоа било уште едно проблематично гостување, овој пат во Верона каде загубиле со 2:1. Саки добил црвен картон поради жестокото протестирање за судењето.

За паричката никогаш не се дозна ни кој ја фрлил ни кој ја потрошил, но за Милан тие 100 лири претставуваат неправда за сезоната 1989/1990 во Серија А, во која Марадона, Ѕола и Чиро Ферара го освоија последното Скудето за Наполитанците.

9 април 2015 - 18:58