Сите во петок на Олд Трафорд се заблажуваат со торта, а Роналдо јаде авокадо, киноа и варени јајца

Резервниот голман на Манчестер Јунајтед, Ли Грант открива која е разликата меѓу Роналдо и соиграчите кога тимот седнува на вечера. Сите јадат благо, а Португалецот ја има најчистата и најздравата чинија.

Долговечноста на Роналдо на врвно ниво, делумно се препишува на неговата дисциплина во исхраната, факт кој е добро познат.

Тоа го потврдува и Ли Грант кој поради Де Хеа, нема простор за голмански обврски, ама затоа има време да ѕирне во чинијата на Кристијано.

Тој открива дека уште на самиот негов кам бек, ги импресионирал соиграчите во Манчестер Јунајтед со строгиот режим на исхрана кој го води и на 36 години.

Грант вели дека обично во петок, ниту еден играч не може да одолее на десертите кои се нудат, со исклучок на еден човек, а тоа е Кристијано Роналдо.

„За да ви биде појасно, кога во петок завршуваме со вечера, на менито имаме благи работи кои мамат. На пример колач со јаболко и крем или чоколадна торта. Само еден играч во тимот успева да не го допре десертот.

Еден од соиграчите еднаш ме праша, што има Кристијано во чинијата? Таа беше најчистата и најздравата чинија што може да ја замислите, со авокадо, киноа и варени јајца. Човекот е во неверојатна форма“, сведочи Грант.

Роналдо со години го одржува телото во топ форма и често ги истакнува коцките на стомакот, а тоа му успева со екстра тренинзи и строга исхрана.

Таа најчесто содржи свежо овошје, салати, јаткасти плодови, интегрални житарки, риба, јогурт, пилешко...

Враќањето во Манчестер Јунатед по 12 години го одбележа со 5 гола на првите 6 средби, а истовремено не запира со голови и рекорди и за селекцијата на Португалија.

Годинава стана прв стрелец во историјата на фудбалот со 785 гола и тоа зад себе го остави Пеле.

14 октомври 2021 - 14:51