Од формирањето на Премиер лигата во 1992-та година, ниту еден фудбалер на Арсенал немаше преминато во Манчестер Јунајтед. Тоа за прв пат оваа година ќе го направи не било кој, туку најдобриот фудбалер од минатата сезона и капитенот на тимот, Робин ван Перси.
Но ова не е прв пат како една клупска икона си заминува од Арсенал во ерата на Арсен Венгер. Уште по првата сезона на Французинот во Лондон, тој не успеа да го задржи Пол Мерсон кој по 11 години во Арсенал реши да го напушти клубот и се пресели во понизок ранг, во екипата на Мидлсброу каде му беше понудена двојно повисока плата.
Во 1999-та година Никола Ањелка замина во Реал Мадрид, а следната година Венгер ги продаде Марк Овермарс и Емануел Пети во Барселона.
Потоа почнаа да го напуштаат и капитените. Патрик Виеира ја носеше капитенската лента три сезони. Тој го подигна и последниот пехар во 2005-та година откако Арсенал го освои ФА купот, но веднаш потоа се пресели во Јувентус и остави огромна дупка во тимот.
По заминувањето на Виеира, капитенската лента му беше предадена на клупската икона Тиери Анри, но тој не успеа да подигне трофеј по што веднаш почнаа гласините за неговиот трансфер во Барселона. Анри остана уште една сезона во Арсенал по што тој сепак се пресели во Барселона каде за две сезони ја освои тројната титула.
Капитенската лента потоа ја презеде Вилијам Галас на кого бргу му беше одземена заради критикување на соиграчите, а во 2010-та година тој премина во ривалскиот Тотенхем.
Во 2008-та година капитен на Арсенал стана Цеск Фабрегас. Тој набргу прерасна во еден од најдобрите фудбалери во Премиер лигата, но неговите добри игри не беа крунисани со трофеј, па во потрага по истите, Фабрегас се врати во Барселона.
Приказната за следниот капитен ви е веќе добро позната. Робин ван Перси беше главен играч на Арсенал минатата сезона, но соопшти дека нема желба да го продолжи договорот затоа што тимот нема амбиција. Беше само прашање на време кога и каде ќе замине.
Кој ли ќе биде следниот капитен, односно следната голема ѕвезда која ќе го напушти Арсенал?